Државата треба да има цел, но и луѓе професионалци кои можат да ја спроведат истата, луѓе со искуство во бизнис секторот, кои ќе ги знаат потребите на локалните бизниси и истите ќе ги презентираат надвор, кои ќе отвораат можности за развој на економијата, беше посочено на денешниот настан насловен „Конзулски мозаик“ одржан во Општина Охрид во насока на презентирање на улогата на конзулите и конзуларните претставништа во делот на туризмот, инвестициите, култура, забавата и традицијата во организација на компанија Консалтинг Адвертајзинг Тајм.

Настанот „Конзулски мозаик“ не е само симболично име, туку вистинска слика на тоа што значи поврзување, меѓусебно почитување и визија за заедничка иднина. Конзулската служба е повеќе од професија – таа е мост меѓу народите, чувар на пријателството и отворена врата за соработка. Вашата мисија, почитувани конзули, е благородна и значајна – таа ги гради темелите на меѓународната комуникација, ја негува добрата волја и носи нови можности за партнерства, инвестиции и размена на знаење и искуства, истакна претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

Почесниот конзул на Р. Србија со седиште во Охрид, Михајло Филев посочи дека настани како денешниот овозможуваат заеднички да се споделат искуствата и да се промовираат идеите и активностите кои се важни за поврзување во секој сегмент на нашите држави и регионот.

Предизвиците со кои се соочуваме се од различна природа. Бидејќи Конзулатот претставува мост за поврзување во случајов на Р. Србија и Р. Македонија, две братски држави, широк е спектарот во секој сегмент за кои максимално се трудиме и бориме заедно со институциите на двете држави континуирано и успешно да ги решаваме позитивно во интерес на граѓаните. Конзулатот има многу активности низ целата година, најмногу во областа на културата, уметноста, екологијата и спортот, бидејќи се најважни гранки за идеално поврзување на граѓаните во двете држави, создавање на нови пријателства и создавање на уште постабилни односи на двете држави. Со тоа ги докажуваме и ги зацврстуваме нашите идеално хармонични билетерални односи кои позитивно влијаат на заедничката светла иднина на двата народа и народите на целиот регион, додаде Филев.

Абдураим Бајрактар, почесен конзул на Р. Турција, потенцираше дека титулата која ја носи е многу значајна и претставува една можност за градење заеднички активности, мост, помеѓу Р. Македонија и Р. Турција.

Конзулатот на Турција во Охрид е прв отворен во 2010 година и во овој минат период се направени многу активности, меѓу нив преку ТИКА е помогната реставрацијата на многу значајни историски објекти, многу проекти во делот на културата, спортот и економијата. Во делот на економијата, турската економија е многу активна во регионот посебно во Македонија, имаме над 2 милијарди евра дирекни инвестиции во економскиот развој. Како посебно голем инфраструктурен објект е аеродромот ТАВ и во Охрид веќе имаме и директен лет до Истанбул што значи многу како во однос на комуникацијата, така и за туризмот. Турција во моментов учествува со некаде над 65% посетители во земјава. Во поглед на активностите во културата и спортот имаме голема соработка со Турција, ќе бидеме присутни годинава и на Охридско лето. Над 100 активности годишни имаме од областа на културата и уметноста, додаде Бајрактар.

Државата мора ако сака да постигне нешто да исполни три работи, да има цел, да има луѓе кои можат тоа да го спроведат и да има пари, истакна Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на РСМ.

Нашата идејата која што премиерот Христијан Мицкоски ја прифати е да се направи реорганизација на државната управа Министерството за надворешни работи да биде и Министерство за надворешна трговија. Тоа е голем гест на еден човек кој е приврзан за бизнисот долги години. Очекуваме оваа идеја да биде реализирана. Сите знаеме дека големите сили се тие кои ја водат политиката. Треба да имаме професионална дипломатија, да биде фокусирана на бројки. Ако ние имаме најголема трговска размена со Германија таму треба дипломатското претставништво да биде најголемо, а ние имаме таму најмало. Мора да сфатиме дека живееме од тие бројки и тие бизниси и така да се поставиме. Треба да се заангажираме и професионално да се поставиме, додаде Азески.

Кога се бираат дипломати, тие треба да бидат професионалци и истовремено да се луѓе кои потенцијално имаат претходно искуство во бизнис секторот, истакна Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата за странски компании со технолошко напредно производство.

Да има екипираност во дипломатските конзуларни претставништва на важните дестинации Германија, Франција, Велика Британија, но и другите важни економски чинители, Австрија, Турција, Србија и регионот. Не е проблем тие промотори да се и вработени во Министерството за надвореши работи, но да се соодветно обучени и однапред да имаат барем шетсмесечна обука помеѓу инстутициите и локалните бизниси. Да видат кои се можностите на домашните компании и на кој начин се ова може да се промовира, бидејќи инвестиции и извоз одат заедно. И истовремено туристичка промоција на државата, бидејќи тоа е начин на генерирање на приходи, додаде Мизо.

Ѓоко Трпески, советник од Одделението за локален економски развој ја претстави климата за инвестирање во Општина Охрид, притоа презентирајќи ги сите природни и културни знаменитости на градот, но и реализацијата на бројни проекти и напори кои се прават во поглед на привлекување на инвестиции.

Имаме прекрасна локација и како туристички производ можеме да се искомбинираме заедно со соседните земји. Во моментов ние сами не можеме да се пласираме на пазарот, но можеме да се продадеме како производ заедно со Бугарија, Албанија, Грција, затоа што сме во близина на овие земји и многу брзо луѓето може да ги искуста овие локации заедно, посочи Трпески.

Настанот „Конзулски мозаик“ во Охрид се одржува откако претходно беше одржан и во Битола, а според огранизаторите Охрид е избран бидејќи е втор град во нашата земја каде што има отворено најмногу конзуларни претставништва.

Од минатата година нашата компанија потпиша договор за соработка со една од најголемите музички компании во Швајцарија која ги покрива сите Балкански земји. Веќе е снимена една репортажа во Крушево, следен ќе биде Охрид и сите емисии кои ќе бидат снимени по градовите освен што ќе бидат презентирани на една од телевизиите во Швајцарија, ќе се емитуваат и на телевизија Пинк во Србија. Ова е голема можност за промоција. Од 2026 година во соработка со Општина Охрид ќе бидат поставени две паметни табли каде ќе има бар кодови и секој посетител ќе може да дојде со конзуларните претставништва во градот. Со Р. Турција најавуваме голем проект „Мост на иднината“ чија цел ќе биде преку виртуелен саем да се поттикне економската, образовната и културната соработка во промовирање на традиционалните вредности, занаети и гастрономија преку современи дигитални технологии, потенцираше Марија Ташкоска од компаијата Консалтинг Адвертајзинг Тајм.

Фото галерија:

Професионална дипломатија за развој на туризмот, инвестициите, културата

 

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска