Марјан Радески професор по географија во ОУТУ „Ванчо Питошески“ од Охрид е добитник на Признанието просветен работник на годината за учебната 2019/2020 година, кое уште го добија и професорите Штефица Ујчик од Куманово, Добри Јовевски од Крива Паланка и педагогот Маринела Бошева од Скопје.

Министерката за образование и наука Мила Царовска, честитајќи им на наставниците кои со својот труд, креативност, иновативност и посветеност кон децата вклучени во училишно и предучилишно образование оставиле посебен белег, им посака и понатаму да останат високо мотивирани за работа и креативни.
Ви посакувам да бидете инспирација на уште многу генерации на млади и пример за колегите. Лично сум уверена дека имаме многу вакви наставници во државата. Со многу од нив и лично се сретнав и видов кај нив желба да придонесат кон градењето на квалитетен образовен систем и кон создавањето генерации кои ќе гарантираат добра иднина за нашата држава, рече Царовска на денешното доделување на признанијата.

Затоа просветните работници се и најважната алка во образованието. Како министерка за образование и наука ќе продолжам да се борам за унапредување на дигнитетот на професијата наставник и секој што одбрал да биде учител на нашите деца да го добие местото кое и го заслужува, нагласи министерката Царовска.

Изборот на добитниците го прави Сојузот. Всушност самите просветни работници одлучуваат кому ќе го доделат признанието, рече Николовска-Георгиевска.

OhridNews












