Средните училишта „Нико Нестор“ и „Д-р Ибрахим Темо“ од Струга, каде во минатото се случуваа меѓуетнички инциденти, кои случајно или не беа најчести пред избори, најавуваат дека нема да дозволат учениците да бидат изманипулирани и инволвирани во слични сценарија. Оттаму посочуваат дека училиштата во континуитет преземаат превентивни мерки и навремено ќе реагираат на секој обид да биде нарушен добриот соживот.
-Тоа е нешто што не може да го предвидиме, но во секој случај ќе го превенираме и било какво чувство да имаме на некој почеток на инцидент ќе биде решен на време за да не добие големи размери како што беше годините наназад. Сите наши наставници вложуваат во тоа во училиштето да биде мирно.-рече Марија Коваческа – директор на ОСУ „Нико Нестор“.
Одговорните во „Нико Нестор“ и „Д-р Ибрахим Темо“ истакнуваат дека наставниот кадар посветено работи на подобрување на безбедноста во училиштата и приближување на учениците од различните етнички заедници преку реализација на заеднички проекти, забележувајќи им на медиумите дека не известуваат за позитивните работи, за разлика од инцидентите кои добиваат голем публицитет. Тие веруваат во заедничката иднина на младите во мултиетничка Струга, кои според нив треба повеќе да ги споделуваат убавите работи, како што е матурата која учениците од разлините етнички заедници подолг период ја слават одвоено.
-Имав идеа матурантите и албанците и турците и македонците оваа година заеднички да направиме матура. Ќе видиме дали ќе успееме, но ќе се трудиме, можно е и тоа.-изјави Муча Зеладин – директор на ОСУ „Д-р Ибрахим Темо“.
Средношколскиот центар во Струга е најголем во земјава и во него се изведува настава на Македонски, Албански и Турски јазик. Во насока на подобрување на меѓуетничките односи во средните училишта „Нико Нестор“ и „Д-р Ибрахим Темо“ веќе подолг период се спроведува проект за медијација на конфликти помеѓу младите.
Г. Момироски