Проф. д-р Ристо Речкоски од Факултетот за туризам и угостителство Охрид, како единствен претставник од регионот, присуствуваше со свој научен труд од областа на правото и туризмот во Македонија, на 6-та Светска конференција за менаџмент на туризмот „Низ континентите – туризам за подобар свет“, кој се одржа во Истанбул, Турција.
На Конференцијата професорот Речкоски оствари и контакти со врвни светски професори, најистакнатите од оваа област во целиот свет, меѓу нив проф. д-р Димитриос Бухалис од Универзитетот Бурнемаут во Обединетото Кралство, проф. д-р Џин Хои Чан од Универзитетот во Кембриџ, со домаќинот проф. д-р Мухарем Туна, претседателот на ТУАДЕР (Асоцијација на сите турски академски кадри од туризмот), како и со претставник на коорганизаторот проф. д-р Мухамед Кесгин, од Меѓународниот колеџ за угостителство и иновации од Рочестер Институтот во САД.
Истите се поканети да го посетат Охрид како главна туристичка дестинација, како и да биде остварена научна и стручна соработка. Ваквите контакти придонесуваат и за поголема промоција на Факултетот за туризам, градот Охрид и Македонија.
Инаку, на Конференцијата учествуваа повеќе од 400 учесници, со над 300 трудови од педесетина земји од сите континенти во светот.
OhridNews