Во изминатата година, охридските туристички потенцијали беа претставени на голем број реномирани саеми за туризам, со цел проширување и зголемување на заинтересираноста на потенцијалните странски туристи. Со тоа темпо се продолжи и во првиот квартал од оваа година, а последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2013 година бројот на странски гости кои престојувале во земјава бележи раст од 13,8 проценти.

Како што информираат од Секторот за туризам и локален економски развој, повикувајќи се на податоци од Општинскиот инспекторат, минатата година во Охрид се остварени 440.867 ноќевања или  3,3 посто повеќе во однос на 2012. Кај домашните туристи е забележан пад на ноќевањата, додека пораст од 13,6 отсто бележат т ноќевањата реализирани од странските гости.

Се зголемува бројот на гостите од земјите на Бенелукс? Прогнозите за сезоната различни

Прогнозите на охридските туристички работници се различни пред почетокот на новата сезона. Оптимистите велат дека бројот на туристите од земјите на Бенелукс оваа година ќе биде поголем, но главен акцент треба да се стави на привлекување гости од соседните земји.

Се наоѓаме на почетокот на уште една сезона. Најавите се различни, од оптимистички до релативно средни. Мислам дека на крајот од сезоната ќе констатираме дека истата била добра, но можело и подобро. Во разговор со моите колеги, угостители, хотелиери и туристички агенции, оваа година има доста најави дека ќе биде зголемен бројот на туристите од Холандија и Белгија што е за поздравување. Но како што зборуваме години наназад, посебен акцент треба да се даде на гостите од соседните земји. Сезоната ќе покаже дали сме извлекле поука и сме поработиле во соседството на тој план.“ – вели Димитри Пендовски, сопственик на познатиот ресторан „Св. Софија“.

Задоволните гости – најголема реклама за Охрид

Како што потенцира Пендовски, најголемиот маркетинг за Охрид се задоволните гости, кои во иднина би го препорачале градот во матичните земји како одлична туристичка дестинација. Според него, потребно е туристите кои пристинуваат во градот, да бидат задоволни од сите фактори, почнувајќи од такси-превозот, па се до сместувањето.

Треба и ние самите угостители да бидеме самокритични, бидејќи дел од вината е и кај нас. Тие гости што дошле во Охрид, за да се вратат пак и да не препорачаат на свои пријатели, роднини, треба да бидат задоволни од сите фактори, почнувајќи од такси-превозот, а завршувајќи со хотелите. Некаде на средина, сме и ние угостителите. Сите заедно треба да се договориме, за оние кои ќе не посетата да бидат задоволни. Најголема реклама за градот е од човек на човек, од задоволен гостин што лично ќе го препорача Охрид како туристичка дестинација.“ – потенцира Пендовски.

Туристите од соседството не штедат средства?

Дел од сопствениците на приватни сместувачки капацитети, сметаат дека потребно е поголемо внимание да се обрати на гостите од соседството, кои според туристичките работници се познати по тоа што не штедат средства при своите посети.

Треба да се направи стратегија, како да се привлечат повеќе гости токму од соседните земји. Србите плаќаат добро, трошат повеќе, а градот има поголем прилив на девизи. Верувам дека саемите на кои Охрид се претставува како туристичка дестинација, ќе вродат со плод. Можеби е добро да се дадат и субвенции за туристите од соседството, бидејќи од нив може да се почувствува бенефитот. Посебно ние кои приватно сместуваме гости, угостителските објекти, ресторани, ноќни клубови, кафичи.“ – вели сопственик на приватен сместувачки капацитет во централното подрачје.

Бенефит од промоциите на градот имаат сите чинители на туризмот

Како што неоддамна информираа од ТЛЕР, бенефит од промоцијата на Охрид вон границите на земјава имаат сите директни и индиректни чинители на туризмот, како општината така и хотелско угосителските објекти на ривиерата.

Привлекувањето на странските туристи и посетата на истите, значи зголемување на  бројот на ноќевања,  а со тоа и зголемување на наплатата на таксата за привремен престој. Бенефит од истата имаат општината и државата, односно сите кои се дел и ја чинат туристичката понуда на град Охрид како ресторани, пицерии, ноќни барови, кафетерии и други. Статистичките податоци укажуваат на тоа дека бројот на странските туристи се зголемува.“ – потенцира неоддамана Илекр Мустафа од ТЛЕР.

Потенцијалите на градот претставени во Белград

Општина Охрид и туристичките работници од градот, на почетокот од месец март ја претставија туристичката понуда на „Балканскиот Ерусалим“, на реномираниот Саем за туризам кој деновиве се оддржа во Белград.

Меѓудругото, на саемот беа промовирани охридските специјалитети, а присутните имаа можност да се запознаат со охридската староградска песна. Исто така, организирана беше и охридска вечер во ресторанот „Ковач“, на која беа поканети претставници од туристички агенции, медиуми и дипломатскиот кор од Србија.

O.T.