Во врска со добиеното известување од Министерството за здравство за детектирано присуство на бактеријата Listeria monocytogenes во производ сецкан свински врат на месната индустрија „Екстра меин“ од Куманово, Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш ги презеде соодветните законски мерки, при што денес од пазарот се повлечени производите од спорната серија.

Запрено е, исто така, производството во оваа месна индустрија, земени се мостри од суровините, од работните површини, машините и од сите оние делови каде што евентуално може да се најде Listeria Monocytogenes, за да се изврши споредување со изолатите земени од заболените лица.

Во исто време, Агенцијата за храна и ветеринарство им препорачува на граѓаните да не го консумираат производот сецкан свински врат од лотовите 07632 и 07633, со рок на употреба 21.07.2014 до 04.09.2014 година.

Врз основа на добиените резултати, кои се насока за детектирање на изворот на Listeria monocytogenes , од страна на надлежните институции се вршат дополнителни испитувања. Што се однесува до другите производи од млечната и месната индустрија,  операторите со храна од животинско потекло, од 30.07.2014 година, согласно извршеното надополнување на годишната Наредба за извршување на ветеринарните мерки и контроли за заштита на јавното здравство од контаминенти или резидуи кои се пренесуваат од животните или производите од животинско потекло, како дел од дополнителните превентивни мерки за превенција, намалување и елиминирање на ризикот од листерија, вршат задолжително лабораториско испитување на сите лотови од производите од животинско потекло кои се опфатени со Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храна, за утврдување на евентуално присуство на бактеријата Listeria monocytogenes.

Производите не се ставаат во промет сé додека не се добие задоволителен лабораториски наод.

OhridNews

извор Макфакс