Серијата без победа на Ракометниот клуб Охрид во плејофот од Супер лигата продолжува и по гостувањето во Скопје кај екипата на Пролет, откако домаќините со 28-25 (16-14) го совладаа охридскиот ракометен состав во осмата рунда од шампионатот.

„Гладијаторите“ иако само еднаш на почетокот од мечот (1-0) имаа предност пружија силен отпор и до крај се бореа за првата победа, но не успеаја. Домашните ракометари прва опиплива предноста стекнаа после серијата голови 8-4, а веднаш потоа и 10-5. До крајот на првото полувреме охриѓани дојдоа минус два и на одмор заминаа со 16-14.

Во првата половина од второто полувреме ракометарите на Пролет стигнаа и до највисоката предност од шест голови (23-17), но охридските ракометари повторно најдоа начин и со серија од 5-0 дојдоа на еден гол негатива (23-22). Финишот им припадна на домаќините, а со тоа и победата на мечот во Скопје.

Голгетерски во составот на Пролет се истакна Мартин Манасков со 9 голови, 6 постигна Стефан Трајкоски, а 4 реализираше Филип Василески. Во тимот на Охрид на висина на задачата беа Јане Јанчев и Крсте Андоновски кои реализираа по пет голови, а до 4 постигнати погодоци стигна Бобан Блажески.

Во деветтата рунда од плејофот во Супер лигата ракометарите на Охрид гостуваат во Битола кај тимот на Еурофарм Работник.

Фото: Гол.мк
OhridNews