Вечерва, од 19:00 часот, во Културниот центар „Култура 365“ во старото градско јадро на Охрид, непосредно пред терминот за предавање на поетскиот портрет на лауреатот на „Златен венец“, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, во црквата „Св. Софија“, ќе биде извршена првата промоција на поетската збирка „Ванчолики“, од Веле Митаноски, како и охридска промоција на збирката „Татковиот аманет“ од Димче Шипинкароски.

Промотор ќе биде професор д-р Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија, додека настанот го организира „Култура 365” како дел од активностите на Четвртиот Балкански поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески”.

Петрески, во резензија, мегу другото, пишува дека Митаноски ја опева Езерската земја и топонимите: Галичица, Јабланица, Охрид, Плаошник и други нему познати и драги места. Тоа е неговиот топос и логос, кои се привлечни и за нас и стануваат наши.

Првиот циклус Лирика целиот е посветен на љубовта и во авторовото љубовно ковчеже се содржани љубовни напеви, треперења и светоста на љубовта. Ракатка од спомени и надежи, како еден вид духовно прочистување. Непорочна и бесконечна убавина, звуци и слики од дамнина, зачувани фрагменти… Музата на Митаноски ја транспонира радоста на душата и телото и создава лијани од љубов, под стреата на љубовта, која е, како што потенцира авторот, најубавото посакување. Тоа е танцот на животот и смртта, поточно животот пред смртта, каде се отвораат и откриваат понорите на душите со незгаслив огин, пишува Петрески.

Рецензија за поетската збирка на Митаноски, напиша и познатиот поет Мајо Даниловиќ, кој живее на релација Белград-Верона, член е на Светската академиоја на поезијата при УНЕСКО, со седиште во Верона, воедно и раководи со Комисијата за словенскиот свет.

Заокупиран со езерото околу себе, го носи во себе, стопени се едно во друго, разговараат, а богами и се расправаат, си противречат. Езерото е неговата љубов, но и сите негови љубови се езерото – Охридско, пишува Даниловиќ.

За Даниловиќ, Митаноски е поет на крајна ангажираност, во животот, во работата, во социјалната сфера, во љубовта, во поезијата…Тој, со корисната доза на иронија, не се помирува со мирот, со прозаичноста, со несовршенството. Тој, апологет и заговорник на добрината и харминијата.

Поетската збирка „Татковиот аманет“ на Димче Шипинкароски, пред охридската промоција, беше претставена во Вевчани и Струга.

Како ветувачки момент, во поезијата на Шипинкароски, се истакнува архаичноста на неговото поетско пеење. Со неговите мисловни бисери: житаров пладневен ден…утринско јаве за пеколен ден…поленов млеч…ореова гламна и слично, пишува Петрески.

Двете збирки се во издание на „Феникс” од Скопје.

OhridNews