Деновиве Охрид богато и со низа настани ќе го одбележи 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски – Патронот на градот.
Во рамките на општинската програма „Деца сме на Климента“ утре – четврток , 4 декември од 11 часот во големата сала на Општина Охрид ќе биде промовирана книгата „НУ Библиотека ‘ Григор Прличев‘ вчера, денес и утре“ од м-р Милчо Јованоски во издание на Библиотеката.

Оваа „книжевна читанка“ е прва во издание на Библиотеката, паралелно напишана на македонски и англиски јазик и истовремено е мал туристички водич низ Охрид. Таа, пред сѐ им е наменета на странските гости на Библиотеката, но и градот.

Не случајно книгата се промовира на празникот на градот. Позната е длабоката и континуирана духовна врска и влијание која Св. Климент ја имал врз охридскиот поет и преродбеник Прличев. Но и Прличевата голема љубов и познавања на Климентовото дело опишано и во „Словото за Климента“ кое го одржал пред охриѓани во далечната 1867 година. Прличев со своите дела оставил неизбришлива трага во вкупната меморија на луѓето и тлото до каде што стапнал. Од Охрид до Атина, Софија, Солун и пак Охрид. Воздигнат до Хомера, нападнат од мнозина. Болен не само физички туку и во душата. Вљубеноста во родниот Охрид била дотолку голема што градот го нарекувал „таткојна“. Тоа доволно сведочи за него и односот кон сограѓаните, градот и дојденците, велат од Библиотеката.
Паралелниот текст од македонски на англиски го преведе д-р Габриела Неделкоска а нејзиното издавање финансиски го помогнаа Општина Охрид, Халкбанка и Охридски бисери „Филеви 1928“. Отпечатена е во Ирис – Струга во тираж од 200 примероци.
OhridNews











