Во рамките на Научната и уметничка визита 2023, која се одржува во Куќата на Уранија, во Охрид, на 25 август 2023 г. (петок), со почеток во 13 часот ќе се одржи промоција на изданието на ПРИЛОЗИ, Одделение за технички науки, XXXIX 1-2, посветено на академик Алајдин Абази по повод 80 години од неговото раѓање.

Научната и уметничка визита 2023 започна на 28-ми јули со изложбата на дела од колекцијата на ликовниот уметник Славко Упевче, инспирирани од Св. Наум. Од 10-ти до 12-ти август се одржа лингвистичка работилница „Дијалектна обработка на македонскиот јазик“ на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ.

Во рамки на програмата Одделението за лингвистика и литературна наука при МАНУ на 25 и на 26 август организира Конференција за кинескиот јазик, литература и култура. Поетската средба насловена „Разговор со академик Павле Горановиќ“ е предвидена за напладне на 27 август.

Научната и уметничка визита завршува со Охридската школа на природно право што ќе се одржи од 29 август до 2 септември.

OhridNews