Промоција на книгата „Приче из нашег млина“ од авторките Бранка Дувњак и Славица Галиќ, во издание на издавачката куќа „Медицинска нaклaдa“ од Загреб, Хрватска ќе се одржи во сабота во големата сала на Општина Охрид, со почеток во 12:00 часот.

Настанот е во организција на Црвен крст Охрид, во соработка со Културно Информативниот Центар на Република Македонија во Загреб, Хрватска и Oпштина Охрид.

Ова е книга за школата за медицински сестри Млинарска во Загреб – прва во земјата во тоа време, за годините на нивното образование, за професионалната пракса на загрепските клиники, за медицинските сестри воопшто. Според нејзината програма, во 1921 година биле отворени медицински школи и во други центри на земјата, меѓу кои и школа за медицински сестри во Скопје. Книгата сведочи за една младост од 70-те години на 20-от век, за нивните соништа и стремежи, за љубовта, музиката која ја слушале, филмовите кои ги гледале…, велат од Црвен крст Охрид.

Книгата, додаваат, содржи 34 приказни, кои прават една целина, а го опишуваат времето на школување во училиштетео на Млинарска 34 (па затоа и 34 приказни), во периодот од 1972/1976 година.

Тука се испреплетени приказните од дружбите во училиште, годишнините од матурата, како и некои од размислувања на тогашните генерации за сестринството и здравството воопшто. Оваа книга е доказ дека некогаш и мал спомен може да поттикне многу сеќавања. Меѓу сеќавањате во книгата се вткаени прекрасните впечатоци од матурската екскурзија во Охрид во 1975 година и посетата на други градови во Македонија, а како додаток, во содржината е опишана и репризата на матурската екскурзија повторно одење во Охрид, во 2016 година по повод 40 годишнината од матурата и матурскската екскурзија, велат.

Потенцираат дека станува збор за единствена можност да се запознаат медицинските сестри од Хрватска, генерација 1972-1976 и да се слушнат нивните искуства и визии за сестринството и сестринската нега, но и нивните впечатоци од Охрид и Македонија, тогаш и сега.

OhridNews