Промоција на можностите за посета кои се вршат во Националниот парк Галичица од субјекти кои работаат или дел од дејноста ја вршат во паркот е целта на Инфо точката отворена во центарот на Охрид.
Инфо точката отворена во центарот на градот Охрид е со цел да се даваат информации за Националниот парк Галичица и можноста за посета на истиот. Субјектите се од фелата на планинарите, параглајдеристите, велосипедските здруженија, туристички агенции и други кои имаат деловни интереси кои се остваруваат при посети на паркот. На субјектите односно фирмите им е дадена можност сами да си организираат сопствена промоција преку свои промотивни средства, вели Ангела Тасеска, соработник за еколошка едукација во ЈУНП Галичица.
Установата, додава Тасеска, организира повремени информативно промотивни настани кои се врзани со Националниот парк Галичица воедно и работата на инфо точката и истите се организираат спрема потребите кои тековно произлегуваат.
Настаните кои се организираат предизвикуваат големо внимание кај посетителите на градот и најчесто посетителите се интересираат за можноста за посета на паркот и неговите атракции со нагласеност за локациите кои се од најголем интерес како врвот Магаро, Лако Сигној, Томорос или прошетките низ планинските полиња низ паркот, Островот Голем Град и секако најпосетеното туристичко место во паркот и воопшто во државата Изворите во Свети Наум, потенцира Тасеска.
Посебен интерес, додава, пројавуваат и љубителите на природата кои имаат сериозни познавања за природните ресурси, па така и нивниот интерес за Паркот се истакнува во интерактивноста во поглед на богатството со разновидноста на флората и фауната, со особен акцент и изразеноста на ендемизмот од видовите на просторот кој е карактеристичен за Паркот, а со тоа и препознатлив во практиките на заштитата на природата при што Националниот парк Галичица претставува едно од жариштата на биолошката разновидност.
Н.С.Ј.