Утре, 9- ти април, во Кафе барот Ликвид ќе биде промовирана Фото книгата „ Три рефлексии на погледот“ од Зоран Вељаноски – Летра, во издание на Данте Охрид.

Во предговорот за книгата, охридскиот поет Славе Ѓорго Димоски пишува дека Охрид е свето таинство постојано опкружувано од пророци, сликари, поети, учени луѓе; отсекогаш претставувал мистерија, мистични и хаотични сили и подземниот блесок на водата и нејзината митологија го предизвикувале вековното љубопитво на бројни неимари постојано да го извишуваат во духовна, културна и уметничка вертикала.

– Во контекстов овие фото-записи на Зоран Летра далеку се од едноставно (от)сликување на она што е пред (или при) очи, фаќање  мигови и физички пренесување; овде се претставува еден посебен концепт во кој се огледуваат автопоетичките точки на едно фотоистражување на Охрид од неколку аспекти: историски расцвет и свет, охридската фасада, магичноста и мистичноста на праисториската вода. Занимливо е да се забележи и неговиот однос кон природата и фото-претставите за неа. Мислам дека тој прави вонреден напор фотографијата сама да се избори за да стане модел на стварноста, природата непосредно да му позира и да му  наметнува своја содржина, а тој само да ја надградува со своите знаења и вештина, вели Димоски.

Тој додава дека книгата овозможува низ магичното фото-око на Зоран Летра да се обгрли Охрид со еден посебен поглед на целина која комплетно му припаѓа на градот и на неговата внатрешна биографија, низ три рефлексии.

OhridNews