Оваа монографија прва од ваков вид на балканските простори содржи информации од првите археолошки истражувања па се до денешниот изглед и конзервација на црквата. Во неа се поместени фотографии и информации за целокупниот откриен археолошки материјал и фрескоживописот на овој значаен сакрален објект.
Автори на книгата се археологот Владо Маленко, нумизматичарот Даница Бачева и историчарот на уметност Гоце Ангеличин – Жура.
Црквата Четириесет Севастиски Христови маченици во Охрид потекнува од средината XIII век и претставува историска алка помеѓу XII и XIV век. Таа е постара и од Св. Јован Канео и Св. Богородица Перивлепта и е една од најстарите цркви воопшто во Охрид. Црквата е изградена во времето на охридскиот архиепископ Димитри Хоматиjан кој е автор на краткото Климентово житие и архиепископ кој ќе го круниса епирскиот деспот Теодор Дука во црквата Св. Софија, а негов лик е пронајден и во пештерската црква Св. Еразмо.
Симболично промоцијата на ова значајно научно дело ќе се одржи на 21-март на празникот посветен на Четириесетте Севастиски Христови маченици.