Во рамки на Програмата за заштита на животната средина и природата во која се предвидени и проекти за одбележување на значајни денови од екологијата, Секторот за урбанизам и заштита на животна средина при Општина Охрид го одбележува 22-ри мај- Меѓународниот ден на биолошката разновидност. Годинава овој ден Општина Охрид во соработка со Нуркачкиот клуб „Амфора“ ќе го посвети на промоцијата на два вида слатководни ракови кои живеат во Охридското Езеро.
Европскиот слатководен рак Astakus astakus може да се сретне насекаде во Охридското Езеро. Во изминатите дваесетина години овој вид рак многу ретко можеше да се сретне во водите на езерото, но погрешно е мислењето дека ракот го снема заради нечиста вода, туку причина за тоа е чумата која пред околу дваест и пет години го зафати ракот во европските води и го доведе скоро до потполно изумирање.
Слатководниот рак преферира меко дно со малку песок. Тој копа тунели на дното и претежно влезот му е под некој камен или карпа. Излегува и се храни ноќе. Оптималната температура за најдобар раст е помеѓу 16 и 24 степени целзиусови.
Малку е познато дека во Охридското Езеро живее уште еден вид рак -Potamon fluviatile. Овој слатководниот крив рак претежно се среќава покрај каменитиот дел и во карпести предели на мали длабочини. Во Охридското Езеро слатководниот крив рак го има на македонската страна од Езерото од селото Калишта до границата со Р. Албанија, додека на албанската страна на езерото има големи колонии, а најбројни колонии се забележани од с. Буќезе па се до с. Лин.
Ракот е стрвинар и е доста отпорен, а во одредени периоди можат да се забележат и голем број ракови кои се шетаат по копното.
Зголемено присуство на нитрити во водата, особено од земјоделски ѓубрива, кои со испирање на почвата влегуваат во езерото претставуваат сериозен ризик за опстанок на слатководните ракови во Охридското Езеро.
Промоцијата на слатководните ракови во Охридското Езеро ќе се одржи утре на градскиот плоштад во Охрид со почеток во 13 часот.