Нов веб портал за стипендии (www.stipendii.mon.gov.mk) вчера беше промовиран од министерот за образование и наука Панче Кралев. Веб порталот за стипендии и пракси им нуди можност на посетителите на брз и едноставен начин да ги добијат сите потребни информации за најновите објавени стипендии наменети за учениците и студентите во Македонија  и надвор од неа.

-Порталот е замислен како централна локација преку која заинтересираните студенти би добивале навремени известувања за конкурси за стипендии и пракси кои се од нивен интерес, изјави Кралев.

Целта на порталот, како што велат од МОН, е да се зголеми пристапноста до ваков тип информации за студентите. Порталот овозможува едноставен начин на кој Министерството за образование и наука и другите организации и компании ќе можат да ги публикуваат информациите поврзани со стипендиите и праксите. Истовремено порталот ја нуди можноста за аплицирање и следење на најновите објавени стипендии, курсеви и семинари.

Министерот Кралев потенцираше дека најголем адут на едно развиено општество се човечките ресурси, односно образованието на граѓаните во тоа општество. Соодветно, од исклучителна важност за земјите во развој, според него, е да обрнат посебно внимание на инвестирање и развивање на овие ресурси.

OhridNews
Извор: Макфакс