Стручните лица кои работат на проблемите со семејно насилство во Република Македонија од сега ќе може да црпат искуства од „Практикумот за постапување во случаи на семејно насилство“, кој беше промовиран вчера во Скопје. Практикумот кој е издаден во рамки на заедничката програма на Обединетите нации за зајакнување на националните капацитети за превенција за семејното насилство е финансиран од Владата на Кралството Холандија и Фондот на ОН за елиминација на насилството врз жените.

Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристоски  верува дека практикумот ќе им помогне на надлежните во секојдневното извршување на работните обврски.

-Сакам да ја истакнам посветеноста на Министерството за труд и социјална политика на полето на превенција на семејното насилство, мерките кои ги преземаме за обезбедување помош, заштита и реинтеграција на жртвите. Насилството во семејството претставува основ за дискриминација и кршење на основните човекови права, за што државата презема соодветни мерки за превенција, запирање на насилството во рамки на семејното живеење и намалување на последиците од насилството, рече министерот Ристовски.

Тој истакна дека соодветниот одговор на институциите кон семејното насилство е ефикасен само доколку се презема во моментот на случувањето и токму затоа потребно е механизамот на заштита и помош за жртвите на семејното насилство да делува координирано со меѓусебна соработка, размена на информации и податоци.

Минатата година на подрачјето на целата земја се регистрирани 593 кривични дела извршени при семејно насилство, а пријавени се 600 сторители, регистрирани се 655 прекршоци од овој вид за што против толкав број лица се поднесени прекршочни пријави.

OhridNews