Во пресрет на почетокот на новата учебна година, Министерството за внатрешни работи започна со реализација на нов проект наречен “Полицијата и учениците се дружат“. Целта на проектот како што велат од Министерството е решавање на еден од врвните приоритети за секое општество, односно намалување на деликвенцијата меѓу младите луѓе.


Заради поефикасно справување со насилството во училиштата и поголема безбедност на нашите деца, за секое основно и средно училиште назначивме одговорен полициски службеник, со кој учениците, наставникот и раководниот кадар ќе имаат директен контакт – рече министерката Јанкуловска.

Проектот опфаќа околу петстотини основни и средни училишта, за кои се задолжени над 150 полициски служеници. Заради поголема транспарентност, односно достапност на одговорните полициски службеници, Министерството за внатрешни работи на својата интернет страница, предвиде можност за дополнително информирање на заинтересираните.


Според случаите пријавени во полиција, во учебната 2010/2011 година регистриравме вкупно 57 случаи на насилничко однесување од страна на ученици. Најголем дел од нив, 38 случаи беа регистрирани во или пред средните училишта, додека 16 беа пријавени во или пред основните. Во 42 од овие случаи беше применета физичка сила, во 4 случаи насилниците употребија нож, додека во 9 беа употребени други тврди предмети. Тоа што е најтрагично во овој црн биланс е дека имавме едно убиено дете и уште 68 повредени меѓу кои имаше и еден професор – вели министерката Јанкуловска.

Покрај ова, во соработка со ОБСЕ, МВР изработи прирачник „Реонскиот полицаец ве советува“ наменет за најмладата популација. 

Во многу училишта има и агенции за обезбедување кои се значаен дел од спречувањето на насилството но не треба да бидат единствен – потенцираше Министерот за образование Кралев, изразувајќи ја целосната поддршка на проектот на МВР.

Носителите на овој проект сметаат дека покрај полицијата за надминување на овој комплексен проблем треба да се вклучат и родителите, учениците и наставниците.

Ohridnews