Вчера со почеток од 18 часот во просториите на општинскиот Црвен Крст беше промовирана книгата од младиот автор и волонтер на Црвен Крст Охрид, Георги Ставрески, насловена како „Виори низ сонот и фантазијата“.

Пред присутните свое обраќање имаше авторот Георги Ставрески и промоторите проф. Вангелко Лозаноски, Љубица Чифлигароска и м-р Ивана Рилкова Томеска.

  • Првичната замисла пред околу 4 години ми беше да напишам роман, бидејќи најмногу уживав читајќи прозни дела, а неговата тематика да бидат лудориите во летниот распуст во кои тогаш уживав. Меѓутоа секој нов збор, нова реченица ми внесуваше нова идеја. По некое време ја поставив фабулата и замислата по која ќе се движи дејството во овој роман.Учев средно медицинско училиште кое бараше ангажман и посветеност, а останатото беше во заден план. Веројатно затоа ја имав оваа година неочекуваната пауза од образование, а тоа ми даде можност замислената фабула, да добие содржина. Тргнав од идејата што и да напишам да биде уникатно, ново, оригинално. И сите Вие кои ќе го прочитате овој роман ќе дознаете зошто е оригинален, истакна Георги Ставрески.

Како што рече проф. Вангелко Лозаноски, младата генерација поети, писатели во Македонија, носат нови теми и содржини во македонската литература, а во таа група е и младиот и перспективен писател Георги Ставрески.

  • Од градот на Прличев, Охрид, Ставрески го зацртал својот творечки пат, како Прличев, од мистичниот Охрид кој ја возбуди и потресе Атина и да биде добитник на лаворовиот венец, рече Лозаноски.

Според Љубица Чифлигароска самиот наслов на делото поттикнува љубопитство и интерес за читање.

  • Сите вие кои ќе ја земете оваа книга во вашите раце ќе ве натера со голема љубопитност, радозналост содржината да ја прочитате во еден здив. – кажа наст. Љубица Чифлигароска

Рилкова Томеска додаде дека овој роман несомнено се вбројува во делата кои се читаат брзо и во еден здив, а долго се паметат.

OhridNews