Во рамки на манифестацијата „Денови на литература за деца – Охрид 2025“, денеска на плоштадот „Вангел Наумоски“ се одржа промоција на четвртата книга од едицијата „Тие доаѓаат“, во која се поместени творби на ученици од основното и средното образование од Охрид.

Во името на Општина Охрид свое обраќање пред присутните имаше Ана Крстеска, заменик градоначалник.

Најнапред, сакам да им оддадам признание на најважните ѕвезди на денешниот ден, а тоа се учениците и младите луѓе чии творби се вградени во оваа книга. Вашата искреност, вашата креативност и вашите зборови се она што му дава живот на ова издание. Во мое лично име и во името на Општина Охрид, Ви упатувам искрени честитки за вашите литературни творби. Книгата „Тие доаѓаат“ претставува вистинско сведоштво за тоа дека иднината на македонската литература е светла. Првиот дел од оваа книга е посветен на учениците од основното образование, вториот дел е на средношколците, а третиот дел, со наслов „Светлините на градот“, е посветен на нашиот Охрид, кој е вечна инспирација за сите генерации, рече Крстеска.

Ова издание, посочи, претставува симбол на довербата што ја имаме во младите, а преку него, ја препознаваме нивната љубов кон зборот, нивната потреба да се изразат, како и нивната храброст да бидат слушнати.

Општина Охрид континуирано вложува и ќе продолжи да вложува во издаваштвото, особено во поддршка на млади таленти и во развојот на културата и образованието. Веруваме дека преку ваквите проекти се градат основите на едно понапредно, покултурно и просперитетно општество, додаде Крстеска.

‎‎Изборот, предговорот и редакцијата на изданието се на Славе Ѓорѓо Димоски, а уредник е Митре Велјаноски.

Извадоци од книгата интерпретираа писателите за деца Ели Маказлиева, Роза Крстеска, Билјана Лотевска и Сања Нечовска.