Во рамките на Проектот „Културата расте во децата” денес во ООУ „Св. Наум Охридски” беше промовирана едукативната книга за деца „Девојчето Ена и волшебната четка за заби” од д-р Кристина С. Алоска.

Станува збор за весела приказна со најимпресивна порака „Убавите и здрави заби се огледало на нашето здравје“.

Приказната за Ена и нејизната волшебна четка е „скроена по мерка на суптилниот детски ум“, за сите деца преточена во парадигмата „Културата расте со децата“, рече во обраќањето промоторот проф. Валентина Рубаноска.

Креативната авантура на Ена со пријателчињата ќе ве загрее како топло јунско сонце, подарувајќи ви ги најмудрите совети како да го негувате вашето орално здравје и ќе научите дека блескавата насмевка има силна моќ да ве направи среќни и исполнети со чувство на самодоверба, додаде професор Рубаноска.

Денес не сме тука само за забава, туку и за нешто многу важно – да научиме како да ги чуваме нашите заби силни и здрави, рече пред присутните дечиња авторката, д-р Кристина С. Алоска.

Нашиот херој денес е волшебната четка Неда– без која Ена никогаш не оди на спиење без да ги измие запчињата со неа и со волшебната паста! Со нив таа ги победува сите бактерии и ги чува своите запчиња сјајни како дијаманти. Драги деца, запомнете: ако сакате и вие да бидете херои, само треба двапати на ден да ги четкате забите, да јадете здрава храна и редовно да одите на стоматолог. Ви посакувам волшебна забава, многу смеа и нови знаења – и не заборавајте: секој ден е нова авантура за чисти и здрави заби!, посочи д-р Алоска.

Промоцијата  беше збогатена и со поуки за негување и превенција на оралното здравје од страна на д- р Алоска, која инаку е Доктор на стоматологија.

На промоцијата настапија и ученици од драмската секција под менторство на наставничките Виолета и Марина, кои преку фантастична драмска игра ја пренесоа веселата и здрава порака „Добро утро-здрави заби, добар ден-здрава и блескава насмевка“.

Издавањето на книга е поддржано од Општина Охрид.

Н.С.Ј.