Администрација.мк е новиот веб портал посветен на работењето на административните служби во Република Македонија, кој беше промовиран во денеска во Министерството за информатичко општество и администрација.

Министерот Иво Ивановски истакна дека идејата за воспоставувањето ваков содржински формат на веб порталот произлегла од пакетот реформи кои се спроведуваат во државната администрација, со цел создавање квалитетна, ефикасна и компетентна служба, насочена кон обезбедување навремени услуги за граѓаните.

„Преку порталот Администрација.мк, кој е наменет за вработените во јавната администрација, но и за информирање на граѓаните, ќе се промовираат и афирмираат вредности и критериуми, кои се неопходни за едно нормално, ефикасно и модерно функционирање на административните служби. Веб порталот ја обединува администрацијата од сите институции – министерства, агенции, дирекции и преку него на едно место ќе можат да се добијат информации за многу содржини поврзани со административното работење“, рече Ивановски.

Порталот нуди информации и за сертифицирани центри за странски јазици, потребни за вработените во институциите на системот.

Ивановски го најави стапувањето на сила на двата административни закони на 13-ти февруари, кои беа донесени минатата година, со што ќе отпочне примената на оваа регулатива во јавниот сектор и во доменот на државните службеници. Сите подзаконски акти се објавени во службен весник, додека на веб страните на МИОА и Администрација.мк објавен е Каталогот на работни места во јавниот сектор, заедно со дванаесет урнеци на актите за систематизација на работни места за различни типови на институции, со цел да им се помогне на административните служби.

OhridNews

Извор:„Макфакс“