Градоначалникот Никола Бакрачески, денес во Секторот за туризам и локален економски развој изврши промоција на канцеларијата  за административни работи и стручна поддршка на развојот на земјоделието, која ќе работи во рамките на Локалната самоуправа.


–    Со функционирањето на оваа канцеларија  ќе се овозможи поквалитетна соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како и со другите институции поврзани со оваа област, рече градоначалникот Бакрачески.

Во новоотворената канцеларија, земјоделците ќе имаат можност да ги добијат потребните информации, кои ќе им овозможат зголемување на продуктивноста, намалување на трошоците за производство, конкурирање и искористување на домашните и на странските можности за финансирање во рамките на земјоделството. Во канцеларијата сите физички и правни лица ќе можат  да добијат уверенија и потврди кои им се потребни како индивидуални земјоделски производители, а ќе се изготвуваат и описи, пописи и проценки на насади и поседи кои се во процес на експропријација,


–    Се надеваме дека со отворањето на канцеларијата ќе се зголемат и активностите на секторот во однос на промоцијата и поддршката на земјоделството . Од наша страна постојано се одржуваат средби со странски инвеститори заинтересирани за инвестирање во земјоделството, изјави раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов.

Отворањето на канцеларијата претставува реализација на дел од изборната програма на градоначалникот Бакрачески, за поефикасна општинска администрација,  се со цел, зголемување на инвестициите што би овозможило нови вработувања, како и организиран настап и здружување на земјоделците.