Промовирана „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“ од авторите проф. д-р Димитар Пандев и проф. Славе Ѓорѓо Димоски, денес во рамки на чествувањата по повод 24 Мај – Денот на Сесловенските просветители Кирил и Методиј.
Во книгата на околу 300 страници поместени се најзначајните кирилометодиевисти од Македонија, но и автори што го расветлуваат нивниот животен и творечки пат од историска перспектива, сè до инспирацијата што ја поттикнале кај создателите на уметничката литература, рече промоторот Бобан Карапејовски.
Пред нас имаме дело што, во најмала рака, уште еднаш ги потврдува сите определби што досега се кажани за овој простор. А, тој простор, во својата основа, ги содржи напорите, ги реактуелизира, за жал, и по милениум, заложбите на Светите Кирил и Методиј, врамени во зборовите на апологијата на создателот на првата словенска азбука, во која и нашето право да зборуваме на својот јазик, така да се молиме, да тагуваме или да се радуваме…, рече Карапејовски.

Но, културниот код на Кирил и Методиј е произлезен од Македонија и длабоко е враснат во македонската културна традиција. Култот на браќата Кирил и Методиј е почнат уште во старословенскиот период и трае повеќе од 10 векови. Првиот оригинален словенски, а истовремено и македонски просветител и писател Свети Климент Охридски го дига на висок поетски пиедестал ликот, делото и заслугите на светите браќа, а преку црковно словенскиот период, тој култ се возвеличи во времето на македонската преродба како силен отпор кон цариградската патријаршија, додава Димоски.

Авторите со длабок историски пресек и виртуозен литературен израз, не водат низ времето, од светите Кирил и Методиј, преку Свети Климент и Свети Наум, Јоаким Крчовски и Григор Прличев, па се до Кочо Рацин и Блаже Конески. Покажуваат и докажуваат дека кирилометодиевистиката живее во македонистиката и современиот македонски јазик до денешни дни. На словенскиот народ којшто беше во незнаење и греовен мрак му стана пастир и учител, пророчки укажувајќи и упатувајќи ги сите со писмо кон спасние. Општина Охрид секогаш ќе биде подготвена да поддржи вакви дела, истакна Божиновски.
„Книга за светите браќа Кирил и Методиј“ е петти заеднички проект на Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски. На овој труд му претходеа „Дојди во Охрид“, „Антологија на ловорот“, „Книга за Чинго“ и „Охридски раскажувачи“ сите издадени од Општина Охрид.
OhridNews













