Во рамки на фестивалот „Охридско лето“, во куќата на Уранија се одржа промоција на книгата „Државата и нејзиниот театар“ од Сњежана Бановиќ. Промотори беа академик Катица Ќулавкова, професорот Златко Крамариќ, амбасадор на Р. Хрватска во Р. Македонија и професор Наташа Аврамовска од Институтот за македонска литература.

Книгата на Сњежана Бановиќ е заснована врз опсежни проучување на историското градиво, изведени во рамки на изработката на нејзината доктроска дисертација за Хрватскиот државен театар во периодот од 1941 до 1945 година.

Оваа историографска, театролошка, политиколошка и културолошка студија е плод на неколкугодишни темелни истражувања што авторката ги има изведено фондовите и збирките на државниот архив и на Државниот архив во Загреб, како и на архивите на Заводот за театрологија на Хрватската академија на науките и уметностите (ХАЗУ). Таа ги има проучено и личните архиви оставнини на многубројни глумци, режисери и другите театарски работници, а освен тоа ја има проучено и коментирано и релевантната театролошка литература, мемоаристиката, публицистиката и политичката историографија која се однесува на раздобјето на Втората светска војна.

Оваа студија ги прикажува и судбините на значајни поединци, личности во рамките на тој театарски корпус, чијшто уметнички придонес со децении бил запоставуван поради идеолошкиот третман на усташката културна продукција како продукција која не е достојна да биде научно проучувана и која со тек на време станува предмет на систематски заборав.

Поради тоа, оваа книга се чита не само како значаен научен прилог кон истражувањето на едно недоволно истражено подрачје на хрватската културна и политичка историја, туку и како импресивна реконструкција на севкупниот општествен живот во Хрватска низ призма на собитијата поврзани со Хрватскиот државен театар.

OhridNews