Колор-монографијата за манастирот „Свети Наум Охридски“ од академик Цветан Грозданов, капитално дело кое ги открива милениумските културни и уметнички слоеви на манастирот, еден од блескавите бисери на македонската црковна ризница, беше промовирано вчера во Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ во Скопје. Монографијата е во издание на Македонската академија на науките и уметностите и книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје.
Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г.Стефан рече дека неоспорно е оти најголемата величина и значење на Свети Наум се состои токму во неговата духовност, во неговата целосна предаденост на Бога и Божјата волја. Тој посочи дека изданието е поделено во три дела, каде секој дел претставува своевидна целина.
-Во првиот е претставен животописот на Свети Наум преку еден од најстарите извори што постојат за него, но воедно се говори и за неимарската дарба на овој предан ученик и сотрудник на светите браќа Кирил и Методиј. Вториот е многу поконкретен и главно обединет околу една конкретна тема која ги опфаќа сите наслови-уметноста во манастирот „Св.Наум Охридски. Во третиот дел, пак, се говори опширно и за култот на Свети Наум, но не само во рамките на диецезата на Охридската архиепископија, туку и на други страни во опкружувањето, на Света Гора, до Виена и Мишколц, а потоа следи култот на Свети Наум и во поновите историски раздобја, за време на просветителството во Македонија, но и во 19 и 20 век. Монографијата е збогатена со прекрасни фотографии кои на свој начин сведочат за моменталната состојба на многуте артефакти кои преку нив се претставени, рече г.г.Стефан.
Тој потенцираше дека овој значаен труд се промовира како најава на овогодишното чествување на празникот и во предвечерието на годината во која ќе одбележиме 1100 години од упокојувањето на светинаумовиот сотрудник – Свети Климент Охридски.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека монографијата има исклучително значење бидејќи во неа академик Грозданов презентира научни опсервации и достигнувања кои ги надминуваат рамките на нашата национална историографија.
-На 360-те богато илустрирани страници на изданието со аналитички пристап се опфатени повеќето просторни и тематски целини од архитектурата на главната манастирска црква посветена на Свети Наум, исклучително вредниот фрескоживопис кој сведочи за суптилниот и префинет дух на мајсторот од Корча, Трпо Зограф, потоа бесценетата резба на иконостасот кој е своевидно ремек-дело, како и иконите од Константин јеромонах сликани во 1711 година кои се особено значајно културно наследство создадено во 18 век, истакна Канческа-Милевска.
Таа посочи дека ова капитално дело е книжевна рефлексија и научен доказ за значењето на црковната, градителската и уметничката традиција на овие простори која имала комплексни влијанија на славјано-византиската духовност. Нагласи дека монографијата е непроценливо богатство за сите стручни лица кои во наредниот период ќе се занимаваат со проучување на различните уметнички и научни аспекти на вредностите на културното наследство на Република Македонија.
Промотивна реч одржа претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски, кој рече дека со делото на академик Грозданов во нашата наука се овековечува Светинаумовиот манастир и култот на светијата, и кое, според него, станува вонвременско како и предметот на кој е посветено.
-Неговото дело мора да е едно од чудата на Св.Наум. Толкав истражувачки напор, таква творечка имагинација и таква умна проникливост во неговото составување, бездруго морале да бидат вдахновени со некоја неразбирлива натчовечка сила, што блеснува мигновено и неповторливо и тешко може да се претвори во плански обновуван потфат. Такви книги се пишуваат само еднаш во творечкиот век на човекот, истакна Камбовски. Тој посочи дека делото е доказ оти е жива вербата во нашите духовни стожери, дека е жив Св.Наум.
Во својот говор пред присутните, авторот Грозданов рече дека во книгата ги регистрирал сите ликови кои се насликани во фреско техника и иконопис во Свети Наум, во сите три фази од 16, 18 и преминот од 18 во 19 век.
OhridNews