Локалната самоуправа, денес, во селото Елшани, ја промовира подстратегијата за рурален развој на општина Охрид за периодот 2012- 2018, што е прв документ изработен во согласност со домашните и меѓународни стратешки документи.
Како што потенцира секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, подстратегијата има за цел, следејќи ги насоките и европските трендови аргументирано да го насочи руралниот развој како еден од врвните приоритети за охридскиот микрорегион, со што ќе се придонесе кон забрзан развој и намалување на миграцијата, кон отварање на нови работни места и креирање иницијативи за одржлив социо- економски развој за зачувување и унапредување на животната средина.
– Автентичноста на традиционалните производи од локалното населението е добра основа за креирање на специфичен концепт за поттикнување на руралниот развој во Охрид. Градот и околината располагаат со богат фонд на автентични културни , природни и традицонални ресурси и производи кои нудат можности за развој на регионот. Јасно е дека заедницата треба да вложи огромен напор во насока на дефинирање на најважните потреби за успешен рурален развој и промоција на ресурсите. Документот содржи насоки и информации за законските рамки за руралните подрачја во Македонија, целите на националната стратегија за земјоделство и рурален развој, надлежностите на одделните министерства , политиките на ЕУ за рурален развој, природните ресурси, рече Спасески.
Општина Охрид согласно подстратегијата ќе подржува микропроекти на НВО и месни заедници кои ќе бидат објавени преку јавен повик.
– За оваа цел издвоени се околу 2 милиони денари, средства кои преку проекти ќе им бидат ставени на располагање на сите месни, урбани заедници и невладини организации врз основ на повик на кој ќе може да аплицираат, а потоа комисија при локалната самоуправа ќе ги разгледа понудите и ќе донесе одлука за нивно финансирање, додаде Спасески.
Подстратегијата ја изработи секторот за туризам и локален економски развој од каде потенцираат дека приоритетите дефинирани во стратегијата се исклучиво добиено по пат на соработка со претставници од месните заедници.
– Според тоа ова не е план како локалната планира да го трасира развојот на руралните средини, туку во заедничка соработка со месното население се увидоа нивните проблеми , и се дојде до поставување на приоритетите според кои ќе се реализира оваа стратегија, изјави раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов.
OhridNews













