Стратегијата, како што објасни министерот, се состои од три дела: првиот ја содржи сегашната ситуација на туристичкиот пазар, компарација на туризмот во државата со регионалниот туристички производ, како и делот на маркетингот, откако е формирана Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Направена е и СВОТ анализа за слабите и јаките страни на туризмот кај нас, можностите и предизвиците. Вториот дел е стратешка рамка врз основа на анализата, во која се дава план како да се развива туризмот во државата и тоа преку кластери: езерски туризам, вински, културен, рурален и планински со активен спорт. Конкретните чекори се предвидени во третиот дел од стратегијата, а тоа е развој на регионален туристички производ во петте кластери, со акционен план за секој кластер и за секој производ пооделно. Акциониот план е за период од 2011 па се до 2015, а за некои активности и до 2018 година.
Задолженијата на министерството за економија кои што произлегуваат од акциониот план одат во насока на регулирање на сивиот пазар на сместувачките капацитети, каде министерството во соработка со државниот пазарен инспекторат ќе работи на засилена контрола, брендирање на туризмот и негова заштита на национално ниво, ширење на мрежа за информативни центри во државата, воведување на туристичка сателитска сметка за правилно навремено и точно собрани податоци во туризмот и др.