Нови 150 наслови на аудио книги наменети за слепи и лица со оштетен вид беа промовирани денеска во рамки на проектот „400 аудио книги за лица со оштетен вид“. Досега се промовирани и достапни за слепите лица 340 наслови. На денешната промоција најавено беше и снимање нови 400 наслови.

Новите аудио книги се од едициите на Министерството за култура (поезија, класици, раскази, македонска книжевност) кои набрзо ќе бидат достапни за користење во Народно-универзитетската библиотека, Националниот сојуз, како и во Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид.

-Меѓу поважните проекти за слепите лица е проектот „400 аудио книги“ кој се реализира веќе трета година по ред, а го започнавме како заедничка иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за култура, Националниот сојуз на слепи лица и медиумите. Денеска на наше задоволство промовираме 150 наслови на аудио книги од едициите на Министерството за култура – поезија, класици, раскази, македонска книжевност, рече на денешната промоција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Тој додаде дека со овие наслови и оние кои претходно беа реализирани, слепите лица ќе имаат на располагање над 340 наслови на аудио книги од различна тематика достапни за нивна едукација и блискост со пишаниот збор. Тој најави и снимање дополнителни 400 наслови.

-Бидејќи проектот беше општо прифатен и слушајќи ги барањата на слепите лица пред се на учениците и студентите, одлучивме годинава да го зголемиме фондот на книги кои ќе бидат снимени и понатака достапни за јавноста. Во тек е постапка која ја спроведува Министерството за труд и социјална политика за снимање нови 400 наслови која, според нашите очекувања, ќе започне летото 2016, а ќе заврши наредната година. За таа цел издвоивме буџет од 4.600.000 денари, истакна Спасов.

Во новите 400 наслови застапени се дела од изданијата 135 тома Македонска книжевност (на македонски, албански и турски јазик) дела од странски автори во едициите Нобеловци и Ѕвезди на светската книжевност во издание на Министерството за култура.

OhridNews