Министерката за култура Елизабета Канческа Милеска, во рамки на работната посета на Охрид, денеска, промовираше повеќе реализирани проекти од културно значење. Станува збор за три обновени фасади на куќата на Ѓурчинови, зградата на Радио Охрид и и на семејството Џело во старата охридска чаршија, реконтруираниот потпорен ѕид на Лапидариумот и депото за чување на етнолошки предмети во музеј куќата на Христо Узунов.

-Ова се мошне значајни проекти, кои во целост и навреме ги реализираше охридскиот Завод и Музеј. За реконструкцијата на трите фасади издвоени беа вкупно пет милиони денари, еден милион денари беа издвоени за реконструкција на камбанеријата на црквата Св. Богородица Перивлепта, деветстотини илјади денари за депоата и седумстотини илјади денари за реконструкција на фасадата на библиотеката „Григор Прличев“, истакна министерката Канческа Милеска.

Сулејман Џело, сопственик на објектот во чаршијата чија фасада беше обновена, изрази благодарност до институциите, посочувајќи дека ова е прв пат да се изврши било каква реконструкцијата на овој споменик на културата.

-Овој имот нашето семесјтво го има 400 години. Обновата на фасадата е извршена на високо професионално ниво со што ќе се овозможи објектот да трае уште долги години. – истакна Сулејман Џело.

Директорката на Завод и Музеј Тања Паскали Бунташеска информираше дека до сега во Охрид се реконструирани 13 фасади, а годинава претстои обнова на уште шест.

-Четири од нив се во Охрид, а две во Струга.- додаде Паскали Бунташеска.

 Од име на градот Охрид благодарност до министерството за култура и заводот и музеј искажа претседателката на советот Гордана Коњаноска.

Г..М