Денес во НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид, беше промовирана збирката поезија за деца „Ќерката на поетот“ од Тоде Илиевски, во издание на здружението „Креативна верига“, а како дел од Литературната манифестација во чест на Тоде Илиевски, поддржана од општина Охрид.

Промоцијата ја отвори директорката на библиотеката, Христина Трпеска, додека за животот и делото на Тоде Илиевски говореше Милчо Јованоски, истакнувајќи го неговото значење не само како писател за деца и млади, туку и како сатиричар, хуморист, енигматичар, шаховски проблемист и преведувач, но и како драг колега со кого работеле во библиотеката.

Јордан Коцевски, како издавач на второто издание на „Ќерката на поетот“, кажа дека оваа збирка е во духот на поетиката на Тоде, свет во кој фантазијата, хуморот и љубопитноста одат рака под рака. Разговорот продолжи со неговата ќерка, Мила Коцевска, за тоа како песните на Тоде ја инспирирале да ги наслика илустрациите на корицата од книгата.

Песни од книгата прочитаа учениците од V-1 одделение, од ООУ „Глигор Прличев“ од Охрид, под менторство на учителката Николина Спасеска.

OhridNews