Полициската станица од Струга, успешно ја заврши дводневната акција за пронаоѓање и спасување на жител на селото Враништа, кој претходно бил пријавен за исчезнат.

Во акцијата, на местото викано „ Врагудењца“ лоцирано во атарот  на селото Радожда, беше пронајден 70- годишен жител од струшкото село Враништа, кој ден претходно беше пријавен за исчезнат. Околу 13 часот и 30 минути, полициските службеници го забележаа лицето во планинскиот дел источно од магистралниот пат Струга- Ќафасан. Лицето било во хипотермичка, свесна но неконтактибилна состојба. После пронаоѓањето и првично дадената помош, лицето со медицинско возило е пренесено во Општата болница во Струга на понатамошно лекување, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Во дводневната акција, бил ангажиран поголем дел од униформираниот полициски состав, инспектори од криминалистичката полиција како и две лица од селото Мали Влај. Тие, групирани во неколку тимови, два дена вршеле дневни и ноќни прегледи и претреси на поширокото подрачје на теренот во близина на Радожда.

Исчезнувањето било пријавено од страна на членови од неговото семејство во полициската станица во Струга. Тие кажале дека лицето се упатило кон пределот Ќафасан- Мали Влај, за да собира печурки.

OhridNews