Розов дијамант кој има 12,76 карати, бил пронајден во Австралија и претставува досега најголем дијамант пронајден во оваа земја која е прва во производството на розови дијаманти.

Дијамантот, кој бил ископан во рудникот Аргаљ бил наречен „Аргаљ розе јубилеј“ и моментално се наоѓа на обработка во Перт. Процесот на обработка ќе трае околу десет дена. Проценката на неговата вредност ќе биде извршена од меѓународни експерти. Неговата продажба е планирана за подоцна оваа година, дури откако овој розов дијамант, кој според првичните проценки вреди неколку милиони, ќе го обиколи светот. Тој ќе биде изложен во големите светски градови меѓу кои Њујорк и Хонг Конг.


Повеќе од 90 проценти од розовите дијамантите во светот потекнуваат токму од овој рудник, рекол портпаролот на компанијата Рио Тинто, во чиј посед е рудникот Аргаљ. Во соопштението на компанијата било наведено и дека бојата на овој дијамант била многу слична со онаа на „Вилијамсоновиот розов дијамант“, кој бил пронајден во Танзанија и кој бил свадбен подарок за кралицата Елизабета, за чие крунисување бил вметнат во брош. Рекордна продажба на розов дијамант била забележана во 2010 година, кога еден примерок од 24,78 карати бил продаден за 46 милиони долари, што е најголема цифра издвоена за парче накит.