И новиот обид да постигнат компромис преговарачките тимови на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА денеска заврши неуспешно. По повеќе од пет часа преговори во Пржино, амбасадорот на САД Џес Бејли соопшти дека имале конструктивна и корисна размена на мислења, но дека преговорите продолжуваат наредната недела.

„Разговаравме за чувствителни прашања, партиите викендов треба да ги разгледаат ставовите“, изјави кусо Бејли по средбата.

Денешните преговори дојдоа по иницијатива на амбасадорскиот двоец Аиво Орав и Џес Бејли, откако претходно ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не успеаја да најдат начин како да ја надминат спорната точка, која го блокира целиот процес кој треба да обезбеди кредибилни избори. Неофицијално од дипломатски извори се дознава дека меѓународната заедница побарала од политичките лидери да ги надминат спорните точки најдоцна до денеска. Во тој контекст, предлозите за кои се разговарало вчера биле модификувани врз основа на идеите што во претходните преговарачки денови ги доставиле партиите.

Двете партии до денеска имаа дијаметрално спротивни ставови во однос на тоа колкави треба да бидат ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната влада, кој треба да биде номиниран од СДСМ. Од партијата на Зоран Заев беа децидни дека министерот за полиција мора да има целокупна надлежност, а не за кадровските решенија да биде ограничен од Владата и од директорите на секторите во МВР. Поради тоа инсистираа законските измени што ги усвои Собранието пред десетина дена да имаат одложено дејство, ако веќе ВМРО-ДПМНЕ не се согласува тие да бидат укинати. Наспроти тоа, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека не смее да се дозволи, како што велат, да се повтори случајот со Оливер Спасовски од почетокот на годинава кога направил целосна чистка во МВР и носел одлуки за неосновани деградации.

Во СДСМ вчера не сакаа да соопштат дали и во кој правец би направиле одредени отстапки, но имаа одредена доза надеж дека до крајот на денот може се најде решение. Во ВМРО-ДПМНЕ беа децидни дека за нив е важно да добијат гаранции дека МВР нема да биде целосно партизирано од министерот од СДСМ.

Претходно тимовите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА успеаја да се усогласат околу прочистувањето на избирачкиот список и реформите во медиумите, но и за тоа преодната влада да биде формирана 100 дена пред гласањето, но само доколку изборите се одржат до крајот на годинава. Партиските претставници договорија дека спорните 40.000 гласачи што нема да се пријават на јавниот повик ќе се избришат од избирачкиот список, а ако некој е избришан по грешка, а на јавниот увид докаже дека постои, повторно ќе биде вратен во избирачкиот список.

Во однос на медиумите, договорено е да се формира ново регулаторно тело составено од пет члена. Од нив четири ќе предложат четирите политички партии, а петтиот ќе го изберат самите членови. Ова тело ќе има ингеренции да набљудува, но и да изрекува казни за известувањето на медиумите 100 дена пред изборите, но и на самиот изборен ден.

OhridNews
Извор:„Утрински Весник“