Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во април 2012, во Република Македонија изнесува 20.743 денари, објави Државниот завод за статистика, додека пак просечната месечна бруто-плата по вработен во истиот месец изнесува 30.444 денари.

Според статистичката евиденција индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во април 2012 година, во однос на април 2011 година, изнесува 101,1. Ваквото зголемување се должи, пред сé, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Стручни, научни и технички дејности (10,1%), Дејности во врска со недвижен имот (6,2%) и Земјоделство, шумарство и рибарство (6,2%).

Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Информации и комуникации (35%), Стручни, научни и технички дејности (5,5%) и Административни и помошни услужни дејности (4,3%).

 Во април 2012 година, 2% од вработените во Република Македонија не примиле плата.

OhridNews