АРМ денеска свечено го пушти во употреба, едниот од двата патролни бродови што ги наследи од некогашната ЈНА. Тој е целосно реновиран и оспособен за пловидба, а покрај за обука и воена намена, ќе може да се користи и за туристички цели. Ова денеска го најавија министерот за одбрана Талат Џафери и началникот на ГШ на АРМ Горанчо Котески, при посетата на Центарот за обука на вода, кој ќе ги опслужува воените бродови.
-Овој брод ќе се користи првенствено за обука на припадниците на АРМ, како и за поддршка на граничната полиција. За употреба на бродот во комерцијални цели потребно е да ги разгледаме можностите со охридската капетанија.-истакна началникот на Генералштабот на АРМ, Горанчо Котески.
Тој посочи дека во тек е реконструкција и на вториот патролен чамец, кој ќе исполнува услови за комерцијална пловидба. Тој ќе се користи за прошетка на воени и други делегации по Охридското Езеро, а ќе служи и како логистика на армијата.
Двата патролни чамци кои ги обновува АРМ се произведени во далечната 1970 година во бродоградилиштето „Сава Ковачевиќ“ во Тиват, Црна Гора.
Инаку, началникот на ГШ на АРМ и министерот за одбрана покрај центарот за обука на вода, денеска, ги посетија и одморалиштетот во Св. Наум и поранешната караула во Радожда.
Целта на посетата, како што беше истакнато, е да се согледаат условите во овие објекти, како и обученоста на припадниците на армијата.