Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска на проштална средба ја прими амбасадорката на Кралството Холандија, Н.Е. Симон Филипини.

 Амбасадорката Филипини искажа благодарност до институциите на Република Македонија за соработката и поддршката во вршењето на дипломатските должности, но пред сè за топлиот прием и гостопримството во нашата земја за време на нејзиниот мандат. Таа нагласи дека заминува од Македонија со бројни спомени и позитивни впечатоци.

Претседателот Иванов изрази благодарност за ангажманот и неуморната посветеност на Амбасадорката Филипини во изминатите четири години, кои придонесоа за унапредување на односите и соработката помеѓу Македонија и Холандија.

Беше изразено заемно задоволство од развојот и достигнатото ниво на билатералните односи, како и од зголемениот обем на севкупна соработка меѓу Република Македонија и Кралството Холандија, особено на планот на економијата, културата, туризмот.

На средбата беа разменети мислења за евро-атлантските аспирации на Република Македонија, како и за реформските процеси во сите општествени сфери. Амбасадорката Филипини се заблагодари за соработката со Претседателот Иванов, посакувајќи му нему и на Република Македонија многу идни успеси, а пред сè блиска реализација на напорите за интеграција на земјата во ЕУ и НАТО, информираат од кабинетиот на претедателот Иванов.

OhridNews