Членови и приврзаници на ВМРО ДПМНЕ попладнево во Скопје одржаа протестен марш во знак на револт за притворот на приврзаници и ексфункционери на партијата, кој заврши пред Владата, пренесува „Макфакс“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на протестот побара ослободување на притворените кои се обвинети за упадот во Собранието на 27 април. Тој рече дека притворените не се терористи и дека обвинението е лажно.

„Се борев како претседател на ВМРО-ДПМНЕ за овој народ. Мојата вина е што бев многу претпазлив околу националните прашања. Има слобода за убијците на децата од Смилковското Езеро, слобода за над 1.000 затвореници, а затвор за патриоти“, рече Груевски.

На 27 април, додаде тој, се назначи нелегален претседател на парламентот точно во времето кога се протестираше.

„Се чини дека тоа беше намерно направено сценарио. Со сета осуда за насилството од поединци, земајќи ги предвид невиноста на останатите, ВМРО-ДПМНЕ предложи Закон за амнестија на обвинетите за 27 април. Тие луѓе не се терористи, тоа е лажно обвинување. Борис Дамовски, Владо Јовановски, Богдан Илиевски, Игор Дурловски, Митко Чавков и останатите не се терористи. Шесте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ не се терористи. Тие беа на своето работно место и никого не убија ниту повредија. Бараме слобода за патриотите. Бараме слобода за неправедно приведените. Потребно е да запре реваншизмот и неправдите. Потребно е национално помирување“, порача Груевски.

Од тука, додаде Груевскиј, порачуваме дека времињата ќе се променат и народот ќе си ја врати државата и со тоа ќе ја врати правдата. „Неправдите на власта мора да запрат и ќе запрат. Македонија мора да оди напред“, рече Груевски на протестот пред Влада.

На протестот се обрати и Зорица Чавкова, ќерка на притворениот Митко Чавков. Таа истакна дека нејзиниот татко не е терорист и дека е горда што го носи неговото презиме.

„Мојот татко не е терорист, се бореше за безбедноста на државата. Не се терористи ниту Борис Дамовски, ниту Игор Дурловски , ниту Богдан Илиески, ниту останатите притворени. Ја сретнав мајката на Борис Дамовски во затворот во Шутка, не знае ни дали е добар, не ѝ дозволија ни да му ги достави најнеопходните работи“, рече Чавкова.

Таа рече дека таа и нејзините најблиски и семејствата на другите притворени ќе се борат секој ден за, како што рече, цел свет да дознае како се третираат нашите патриоти.

„Мојот татко Митко Чавков и останатите немаат ништо сторено, освен што се виновни бидејќи ја сакаа Македонија. Се гордеам со моето презиме, со мојот татко и не се срамам. Единствено што најдоа во нашиот дом беа телефонот и службениот пиштол. Зарем тоа е најголемиот доказ за да докажат дека е терорист. Зарем телефоните на кој било од приведените се најопасното оружје и доказ за да ги третираат како терористи?“, праша Чавкова од протестот пред Влада.

ВМРО-ДПМНЕ и за утре најави протест во 18 часот пред Министерството за правда.

OhridNews
извор: „Макфакс“