Вечерва, во организација на Форумот на жени на СДСМ, пред зградата на СВР Охрид се одржа протест во знак на револт по неодамнешниот напад врз 26-годишна охриѓанка од страна на 31-годишен партнер.

Немаме другарки, мајки, тетки, сестри и внуки за тепање и понижување, беше истакнато на собирот, од кој беше упатена порака дека е доста од насилство, молк и институционално замолчување.

Присутните граѓани укажаа на потребата од построга казнена политика за да се обесхрабрат потенцијалните сторители.

Да ги обесхрабриме насилниците, да знаат ако кренат рака дека ќе одат зад решетки – ни мама, ни тато. Кога тоа ќе го сфатат, и тие што имаат потенцијал за насилник ќе пребројат до три, а дали бил пијан или дрогиран, најмалку е битно, изјави една од учесничките на протестот.

Од СДСМ побараа итен системски одговор, заштита на жртвите и транспарентна постапка без надворешни влијанија.

Бараме да има сериозна превенција за да се спречат нови облици на насилство и нови фемициди. Бараме да има одговорност и да нема политички влијанија во процесот на истрага и во процесот на судење. Бараме секоја жртва да биде заштитена, порача Каја Шукова од СДСМ.

Учесниците на протестот побараа ефикасно постапување од надлежните институции.

Основниот суд во Охрид му одреди мерка притвор во траење до 30 дена на 31-годишниот К.К. кој е осомничен за нападот врз 26-годишната девојка што се случи изминатиот викенд во Охрид. Тој се товари за три кривични дела – Телесна повреда, Противправно лишување од слобода и Загрозување на сигурноста.

Судскиот процес за случајот што силно ја вознемири јавноста, ќе започне на 27 ноември.

OhridNews

Фото: А. Момироска