Здружението за заштита на животните „Анималиа“ утре со почеток во 12 часот, ќе одржи мирен протест во Охрид, со кој ќе се обиде да пренесе порака да се стави под контрола продажбата на отрови кои се злоупотребуваат за труење бездомни животни.

-Напоменуваме, истиве отрови може да се злоупотребат и за труење човек, а и од невнимателност може и детски живот да згасне. Најчесто тие отрови се продаваат без строга контрола за нивната продажба и нивна употреба. Воедно, ќе го кренеме и нашиот глас поради пасивноста која најчесто МВР ја покажува по нашите пријави за труење животинки и животната средина, како и пасивноста на ветеринарниот инспекторат за да се расветлат овие грозоморни случаи, а ниту еден случај не расветлен досега, велат од „Анималиа“. Оттаму ги повикуваат сите љубители на животни, еколози и граѓани да приклучат на овој мирен протест.

Збирното место на протестот ќе биде на плоштадот кај Чинарот по што истиот ќе продолжи на Централниот плоштад.

Од „Анималиа“ потенцираат дека во Законот за заштита и благосостојба на животните јасно стои дека животните треба да бидат третирани како свесни сусштества и дека е забрането предизвикување на болка, патење или повреди, сурово и нехумано однесување и убивање на животни. Исто така предвидена е и глоба во износ од 3000 евра за физичко лице ако предизвикува болки, патење или повреди, сурово и нехумано се однесува кон животните и ги убива. Слични мерки се предвидени и во Кривичниот законик.

Протестот ќе биде поддржан и од активистите на иницијативата „Чист Охрид“, кои даваат целосна поддршка на активностите кои ги спроведува „Анималиа“.

OhridNews