Не стивнуваат реакциите за Законот за плаќање придонеси на хонорарите, кој треба на сила да стапи на 1-ви јануари 2015 година. Граѓани, синдикални организации и здруженија се противат на најавената реформа. Тие преку протест ќе се обидат да ја премислат власта да ја повлече одлуката, која според нив, сериозно ќе ги намали и така нередовните приходи на хонорарните работници.
Тие стравуваат дека најголемиот дел од работодавачите нема да ги подмируваат придонесите и дека таа обврска ќе им ја остават на хонорарците, со што нивните ионака скромни приходи речиси ќе се преполоват. Дел од синдикалните здруженија кои застанаа во одбрана на хонорарците, пак, се соменваат дека воведувањето на оваа мерка всушност има за цел бришење на невработените од листата.
Движењето „Солидарност“, Синдикатот на УПОЗ, Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба и движењето за социјална правда „Ленка“, потпишаа Повелба со која се бара да се укине горната граница од шест просечни плати на кои се плаќаат придонесите. Тие предлагаат менаџерите што заработуваат повеќе, да плаќаат повеќе придонеси, со што, според нив, ќе има поголем прилив и во државните фондови за пензиско и инвалидско осигурување.
Потписниците на повелбата велат дека се свесни колку е важно плаќањето на придонесите за пензиското и здравственото осигурување, како за самите работници така и за функционирањето на фондовите за пензиско и здравствено осигурување, но сметаат дека тоа може да се реши преку засилен инспекциски надзор и примена на постојните закони. Тие бараат средба со претставници на владата, а доколку не се прифатат нивните предлози, односно не дојде до одложување на примената на Законот за плаќање придонеси на хонорарите, најавуваат протест кој ќе се одржи на 22-ри декември.
OhridNews