Вечерва, во повеќе градови низ државата, меѓу кои и во Охрид, се одржаа протести против рестриктивните мерки со кои на невакцинираните ќе им биде забранет влез во угоститеските објекти. Мерките стапуваат на сила од денеска, 16 август.

Учесниците на протестот во Охрид, кој беше организиран преку социјалните мрежи, изразија негодување од мерките, со кои, како што беше кажано, им се загрозуваат  човековите права и слободата и им се ускратува правото на избор.

Протестот е уставно загарантирано право, но исто такво е и правото на здравје. Мерките кои ги предлагаме се веќе докажано ефикасни, а вакцинацијата единствен начин да се бориме против вирусот, напиша вечерва на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче. Во статусот, тој наведува дека на многу места во Европа веќе е секојдневие да се бара сертификат за влез на масовни настани и во угостителски објекти.

Тоа никој не го смета за дискриминација, туку за одговорност и заштита на јавното здравје. Верувам дека никој не сака, ова да трае вечно. Иако новите соеви носат неизвесност, сепак искуствата од земјите каде има висок процент на вакцинирани лица потврдува дека вакцините се ефикасни и за новите соеви. Друго оружје против вирусот немаме и силно верувам дека сите ова ќе го разберат што поскоро, за да можеме да ја вратиме слободата и да го заштитиме нашето здравје и здравјето на најблиските, вели Филипче.

Посочува дека фактот што дури 90 проценти од новозаразените во земјава во последната недела се невакцинирани, е недвосмислена потврда за ефикасноста на вакцините.

OhridNews