Со транспаренти „Колку пари чини животот на Кежо“, „Сите сме ВМРО, пуштете го Кежо“, новинарите излегоа на протест пред Кривичниот суд и уште еднаш побараа слобода за колегата од дневниот весник „Нова Македонија“, Томислав Кежаровски, на кого судот му го продолжи притворот за нови 30 дена.

Како што пренесува „Макфакс“, на почетокот на протестот претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во Македонија, Тамара Чаусидис побара едноминутно молчење во знак на како што рече „умрената слобода во Македонија“.

„Случајот Кежаровски и смртта на Младенов се доказ дека во Македонија слободата на изразување е умрена“,  рече Чаусидис и уште еднаш побара Кежаровски кој веќе четврти ден штрајкува со глад да го прекине штрајкот.

Новинарот на весникот „Нова Македонија“, Зоран Димитровски исто така го повика Кежаровски да го прекине штрајкот со глад , бидејќи како што рече, „само здрав може да ја продолжи својата мисија“.

Димитровски побара институциите за прв пат да постапат правилно и да го ослободат Кежаровски од притвор.

Одлуката за продолжување на притворот на Кежаровски ја осуди и Претставничката на

ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ.

„Уште еднаш, ја нагласувам важноста да им се овозможи на новинарите да прават истражувачки стории за прашања од јавен интерес, ослободени од заканата од затвор и без да бидат принудени да ги откријат своите извори. Апелирам до властите во Скопје да се разгледа ова прашање како итно и сериозно. Продолжувањето на притворот за Кежаровски веќе има големо влијание врз слободата на медиумите во земјата”, апелира Мијатовиќ.

Протестот пред судот го поддржаа и двете новинарски здруженија во Македонија, Здружението на новинарите на Македонија и Македонската асоцијација на новинари.

Гаранцијата во недвижен имот која ја достави новинарот за да се брани од слобода кривичниот совет воопшто не ја разгледувал, бидејќи според судот до истражниот судија не стасало мислењето од Обвинителството, истрагата завршила по што предметот бил пратен во обвинителство на изготвување обвинителен акт. Судиите одлучувале само по предлогот на обвинителството за продолжување на притворот, а за да се одлучува по гаранција треба повторно да се поднесе ново барање за укинување на притворот со понуден имот.

Основен суд Скопје 1:Со протестите се врши упад во независниот судски систем

Поединци и групи го злоупотребуваат медиумскиот простор преку различни иницијативни одбори со организирање на протести пред судот се прави упат во независноста на судскиот систем, реагираат од Кривичниот суд во врска со денешниот протест на новинарите кои излегоа да го изразат револтот од продолжувањето на притворот на новинарот Томислав Кежаровски.

„Најостро реагираме на вака воспоставената медиумска пракса за вршење притисок врз судот од страна на поединци и групи кои на овој начин злоупотребувајќи го медиумскиот простор преку таканаречени форми на слобода на изразување го изразуваат незадоволството од очекуваниот тек на постапката, па со оваа цел, преку различни „иницијативни одбори“ и други интересни групи, со организирање на протести пред судот ставајќи се над законот и уставот на Република Македонија која има долгогодишна демократија и преку своите институции, а особено преку судската власт ги гарантира човековите права и слободи. Со ваквото постапување од поединци и групи се прави упад во независното функционирање на судскиот систем и примена на законите, се загрозува правниот поредок и правната еднаквост на граѓаните“ се вели во соопштението од Судот.

Според Судот, се протестира против законски определена мерка во постапка во која има повеќе обвинети лица, а новинарот се ставал во привилегирана положба во однос на другите обвинети, меѓу кои има судии, обвинители, адвокати.

„Со ваквите постојани притисоци од страна на таканаречениот иницијативен одбор кој континуирано се вршат во изминатиот период преку најразлични форми, обвинетиот новинар се става во привилегирана позиција во однос на останатите обвинети за кои исто така е определена мерка притвор, при што на овој начин се злоупотребува позицијата што истиот извршувал дејност новинар за да се прикаже во јавноста дека во Република Македонија се ускратуваат правата на слобода на изразување“ пишува во соопштението.

Против осомничените е подигнато обвинение, кое, според судот, предвидува високи казни затвор, па кривичниот совет утврдил дека единствено мерката притвор ќе го обезбеди присуството на истите на главниот претрес.

„Секако не значи дека доколку во понатамошниот тек на постапката се променат околностите односно престанат законски основи за опстојување на мерката истата може да биде заменета со поблага, при што таквите факти и околности судот и по службена должност ќе ги цени за сите обвинети подеднакво, а не само за некои од нив“ се додава во соопштението.

Новинарите денеска протестираа пред судот и побараа слобода за Кежаровски и го повикаа да престане со штрајкот со глад, што тој го направи подоцна во текот на денот.

Ohridnews
извор:„Макфакс“