Протестите против одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов за помилување на политичарите од кривично гонење, што се одржаа вечерва во Скопје ескалираа во инцидент. Помала група млади околу 21.30 часот  упаднала во народната канцеларија на Иванов во центарот на градот и ја демолирале. Веднаш потоа дошло и до судир со полицијата која уапсила 12 демонстранти. Во судирот повредени се еден новинар и двајца сниматели. Медиумите кои имаа свои екипи на местото на настанот, јавуваат дека против приведените демонстранти била употребена сила.

На протестот што го организираше граѓанското движење „Протестирам“ на кој учествувале неколку илјади граѓани побарана е оставка од претседателот Ѓорѓе Иванов, формирање експертска влада која ќе го подготви теренот за фер и демократски избори и итно суспендирање на отпочнатиот процес на распишување на парламентарни избори.

Во организација на ГДОМ пак, исто така во Скопје, се одржа контрапротест на за одбрана на демократијата. Учесниците најпрвин протестираа пред Собранието, а потоа се упатија пред седиштето на СДСМ во што беа спречени од полицијата.

Тие побараа лидерот на СДСМ Зоран Заев и првообвинетиот во случајот Пуч Зоран Верушевски да одговараат за криминалите кои ги сториле и негодуваат на одлуката на претседателот Иванов да ги помилува.

На протестот учествуваа илјадници граѓани, а дел од нив со автобуси од цела Македонија пристигнаа во главниот град за да присуствуваат на контрапротестот. Како што дознаваме најмалку два автобуси биле од Охрид.

По околу два часа демонстрантите мирно се разотидоа, јавија националните медиуми.

OhridNews