Академијата СЈАЈ – Охрид викендов ќе го одржи првиот едукативен настан во соработка со Здружението „Образовни мостови на Балканот“. Обуката со наслов „Помогни ми да направам сам“ ќе биде реализирана на 1 и 2 ноември 2025 година во просториите на Smiley Kids Centar – Охрид, центар кој овозможува безбедна, топла и мотивирачка средина за деца од прво до петто одделение.

Обуката е наменета за воспитувачи, наставници, специјални едукатори и рехабилитатори, логопеди и сите кои сакаат да стекнат знаење за изработка и примена на дидактички играчки. По успешно завршување учесниците ќе добијат сертификат, вели претседателката на Академијата СЈАЈ – Охрид, Анета Јованоска.

Обуката ќе ја реализира Љиљана Рељич, Монтесори воспитувач од Шабац, Република Србија, експерт со долгогодишно искуство во полето на современи образовни пристапи и работа со деца.

Нејзината програма „Помогни ми да направам сам“ е одобрена од Центарот за стручно усовршување – Шабац за наредните четири учебни години, и прифатена од Бирото за развој на образованието на Република Северна Македонија (БРО). Обуката има за цел унапредување на квалитетот на детското учење и развој, преку примената на рачно изработени дидактички материјали и нагледни средства, кои го поттикнуваат детето на активно, истражувачко и самостојно учење, вели Јованоска.

Сите заинтересирани кои сакаат да бидат дел од обуката може да се обратат на меил адресата: [email protected] и на телефонскиот број: 070 352 432.

Преку овој проект, Академијата СЈАЈ потврдува дека инвестицијата во образованието и во детската креативност е највредната инвестиција во иднината, посочува Јованоска.

Уметничко-eдукативната aкадемија СЈАЈ – Охрид ја започнува својата мисија во време кога образованието, хуманоста и креативноста се неопходни темели на едно здраво општество, со јасна цел – да создаде простор во кој децата и возрасните ќе учат, создаваат и ќе ја споделуваат светлината на знаењето и добрината.

Мисијата е да ги поттикнува креативните, едукативните и хуманитарните активности како основа за личен и заеднички развој, додека визијата е да се создаде заедница на инспирација и поддршка, каде секое дете и секој возрасен ќе има можност да го пронајде својот потенцијал и да придонесе за подобро и посветло општество.

Мотото на Академијата „Заедно продолжуваме да светиме“ ја симболизира оваа посветеност кон заеднички раст и развој. Веруваме дека секој човек носи сјај во себе, а нашата улога е да го разбудиме, да го поттикнеме и да му дадеме насока. Со оваа прва едукативна обука, започнуваме патување кон создавање генерации кои мислат, создаваат и делуваат со љубов, знаење и светлина, додава Јованоска.

Инаку, на 15 октомври 2025 година, Академијата СЈАЈ – Охрид официјално го доби решението за работа и е запишана во Централниот регистар на Република Северна Македонија под ЕМБС 7876750, со што стана дел од мрежата на активни граѓански организации кои работат за унапредување на образовните, културните и хуманитарните вредности во заедницата.

OhridNews