Заѕвони првото училишно ѕвонче во охридските училишта. Околу 435 првачиња во основните училишта во Охрид го започаа својот образовен процес.

Најголема бројка на запишани првачиња, сепак, се бележи во учебната 2022/2023 кога образовниот процес го започнаа 523 првачиња. Низ годините наназад податоците говорат дека во учебната 2021/2022 се запишале 504 првачиња, во учебната 2020/2021 биле запишани 480, додека во учебната 2019/2020 биле запишани 483 првачиња.

Прв училишен ден за првачињата во ООУ „Св. Климент Охридски“
На ниво на држава, 245 илјади основци и средношколци денеска ја започнаа новата учебна 2024/25 година. Учебната година ќе трае до 10 јуни за сите ученици, со исклучок на учениците од завршните години во средно образование, кои ќе имаат настава до 16 мај.
Прв пат по седум години учебната година почнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата.
Годинава основците и средношколците нема да имаат пролетен распуст. Оваа одлука ја донесе Министерството за образование и наука врз основа на спроведената анкета меѓу наставниците, родителите и учениците, кои во мнозинство се изјасниле дека ваков распуст не е потребен. Зимскиот одмор ќе почне на 31 декември 2024, а ќе заврши на 19 јануари 2025. Летниот одмор, пак, почнува на 11 јуни, а завршува на 31 август.

Во новата учебна година во редовните основни училишта ќе бидат ангажирани над 1 000 образовни асистенти кои ќе помогнат во унапредување на воспитно – образовниот процес на учениците со попреченост и ќе им помагаат во секојдневното извршување на училишните обврски. Образовните асистенти се ангажираат преку основните училишта со ресурсни центри, а согласно барањата на родителите и старателите на учениците со попреченост.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски



















