Заѕвони првото училишно ѕвонче во охридските училишта. Околу 530 првачиња во деветте основни училишта во Охрид го започаа својот образовен процес.
По повод првиот училишен ден во основното училиште „Григор Прличев“ се оддржа свеченост на која присуствуваше и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков кој во обраќањето им посака на првачињата добредојде во царството на буквите и бројките, царството на песните и цртежите, царството на најубавите приказни и незаборавните игри.
Особено ми е мило што имам можност да ги видам вашите весели очиња, да ја почувствувам радоста на вашиот прв училишен ден и да ви упатам најубави желби за успешен почеток. Верувам дека сте возбудени и сигурно се прашувате што ли ќе се случува на овој ден. Се сеќавам колку трема имав јас и на мојот прв училишен ден кога за првпат се сретнав со драгите првачиња со кои во текот на годините што следуваа делевме клупи, знаење и многу убави моменти кои засекогаш ќе се паметат. Тука ќе научите да читате и пишувате, да броите и да сметате. Но, најважното нешто што ќе го научите ќе биде способноста да споделувате, да бидете вешти и посветени. Училиштето ќе биде вашиот втор дом. Место каде ќе ви биде убаво и каде што ќе се чувствувате сигурни, бидејќи вашите учителки ќе се грижат за вас исто како што тоа го прават и вашите родители. Тука ќе ги стекнете вашите први пријатели и ќе ги запознаете вашите први симпатии. Од денес па натаму секој ден ќе ви биде поубав и поинтересен од претходниот. И секој нов ден ќе откривате тајни и ќе станувате побогати со знаење. Вашиот училишен успех ќе ви овозможи да остварите високи цели со кои ќе бидете гордост на сите нас, рече Пецаков.
Директорката на училиштето Лилјана Ефтимовска обраќајќи им се на првачињата рече дека денес започнува еден од најубавите периоди во нивниот живот.
Во нашето училиште ќе се стекнете со две од најголемите вредности во животот, тоа се знаењето и другарувањето. Знаењето ќе ви го дадат вашите наставници, тие се тука за вас и секој од нив од срце ќе ви помогне да ги совладате вашите училишни задачи и да ги надминете сите препреки. Тие како и вашите родители ќе се радуваат на сите ваши успеси и ќе тажат со сите ваши неуспеси. А кога ќе поминат години ќе се радуваат на вашите успешни кариери. Затоа да ги почитувате, да им верувате и да ги слушате нивните мудри совети. Тие ќе ви бидат вредни дури и кога ќе станете возрасни. Другата вредност е другарувањето. Во овој момент, не знаете, но можеби до вас стои пријател кој нема да ве остави на половина пат или да ве заборави во тешките моменти. Затоа е многу важно пред се да бидете добри другари , да си помагате кога е потребна помош, заедно да ги славите успесите и заедно да жалите за неуспесите. Да споделувате ако имате повеќе и да им помагате на послабите. Само така ќе станете добри луѓе, а тоа е исто толку важно како и знаењето што ќе го понесете со себе на крајот од вашето образование, рече Ефтимовска.
Во рамки на програмата следеше многу игра, песна и смеа, а првачињата уживаа во овие први за нив многу значајни мигови од образованието. Како мал, но за нив голем подарок на учениците им беа додели и поклони со училишен прибор.
Инаку, денес околу 255 илјади основци и средношколци ја започнаа учебната 2022/2023 година во која наставата, по две пандемиски години, стартува без антиковид-протоколи и заштитни маски.
За учениците од прво, второ, четврто и од петто одделение се подготвени нови наставни програми за предметите, согласно Концепцијата за основно образование која од лани се спроведува етапно и, според планот, треба да биде заокружена за пет години во целото деветгодишно образование.
Учебниците според новите наставни програми се во различна фаза на одобрување и додека ги добијат, учениците од овие одделенија ќе учат од соодветни материјали во кои се разработени содржините од првото тримесечје. МОН уверува дека не се работи за скрипти, туку материјали кои се квалитетни и креативни и учениците ги добиваат бесплатно.
Н. С.Ј.
















