За првпат по 11 години истражување на балканскиот рис, тимот на Македонско еколошко друштво успеа да направи фотографија на младо од рис. Оваа вест доаѓа откако во февруари истражувачкиот тим на Програмата за закрепнување на балканскиот рис успеа да постави ГПС околувратник на првата женка рис досега, пренесува „Макфакс“. 

Како што соопштуваат од тимот Маја, женката рис, која била обележана со ГПС „нè одведе до нејзиното дувло и таму ни го покажа најскапоцениот податок до сега – здраво младо рисче“. 

Првите фотографии од младенчето балкански рис ги направил членот на мониторинг мрежата за балканскиот рис, Панајот Чоровски од Кичево.
 
„Неверојатна радост е да бидеш првиот кој ќе види младо рисче, особена чест ми беше да ја споделам информацијата со моите колеги и сите кои се грижат за зачувањето на ова неверојатно животно“, изјави Чоровски.
 
Ова рисче е надежта која ѝ е потребна на малата популација балкански рисови во Македонија. Се надеваме дека преку неговото следење, како и следењето на неговата мајка ќе успееме да ги добиеме податоците кои недостигаа досега. Овие податоци ќе ни помогнат за го разбереме животот на младите рисови во Македонија кои ќе ни помогнат во нивното понатамошно зачувување, сметаат членовите на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, којашто ја спроведува МЕД.
 
Статусот на балканскиот рис е критично загрозен поради фактот дека бројот на возрасни единки кои се способни за репродукција е помал од 50 и, според стандардите на Меѓународната унија за заштита на природата унијата, тој е на праг да биде целосно исчезнат од нашата фауна. Балканскиот рис за првпат се најде на (IUCN) на 19 ноември 2015 година. Најзначајните закани за опстанокот на рисот се: криволовот, драстичното намалување на неговиот плен и уништување и фрагментација на неговите станишта.
 
Програмата за закрепнување на балканскиот рис, меѓу другото, веќе десет години се обидува да го спречи овој негативен тренд. Резултатите од интензивниот мониторинг покажаа дека барем во јадровите подрачја, Националниот парк „Маврово“ и планината Мунела во Албанија, ова опаѓање е запрено. Секако, опстанокот на балканскиот рис ќе зависи не само од овие туку и од сите други подрачја на Балканот кои поседуваат погодни станишта за рисот и неговиот плен.

OhridNews
извор: „Макфакс“