Кошаркарите на АВ Охрид го скршија „малерот“ и на домашен терен во Првата лига. „Галебите“ го совладаа Вардар со 83-80 (19-25, 24-15, 19-18, 21-22) и ја забележаа првата победа на домашен терен, втора вкупно сезонава во кошаркарската елита.

Охриѓани, во финишот стравуваа за победата, иако на нешто повеќе од три минути до крајот имаа двоцифрена предност 11 поени (77-66) „Црвено црните“ со ефикасна игра во напад и добра во одбрана ја надополнија негативата и успеаја да поведат (80-79). Во последните триесет секунди охридските кошаркари ги исправија грешки и со поените на Атанасов и Хил дојдоа до предност, обидот на Ивановиќ не ја погоди целта и бодовите останаа во Охрид.

Скопските „црвено црни“ со брзо темпо на игра го отворија мечот, а кошаркарите на АВ Охрид на почеток немаа одговор. „Вардарци“ поведоа 7-2, потоа 13-6, а највисоката предност ја стекнаа после седум минути игра 19-11. „Галебите“ одговорија со 8-2 серија за намалување 21-19, но гостите со четири поени на крајот од првиот квартал обезбедија водство од 6 поени (25-19).

Гостинските кошаркари и во вториот квартал продолжија во ист ритам. Разликата од шест поени „скокна“ на девет (28-19). Најголемата негатива ги „отрезна“ охридските кошаракари. Играта во одбрана драстично ја поправија, а нападот ги „собираше“ плодовите. Со серија 12-0 домаќините ја анулираа предност на гостите и дојдоа до прво водство (31-28). Позитивата од три поени пулените на Петар Чочороски ја здржаа до истекот на 20-та минута за водств (43-40).

Третиот квартал им припадна на домаќините (19-18). Охридските кошаркари го диктираа темпото, а „вардарци“ снемаа здив и не играа повеќе како на почетокот. Разликата варираше од 3 до 6 поени во корист на охриѓани кои обезбедија четири поени (62-58) за решавачките десет минути.

„Галебите“ на почетокот од последните десет минути почнаа да играат агресивно и не им дозвлолија на гостите ниту да помислат за поволен резултат, а од минута во минута разликата на семафорот растеше. На 3:20 секунди до крајот „галебите“ дојдоа до тој момент недостижни 11 поени предност (77-66). „Вардарци“ максимално ја искористија ноншалатноста во охридскиот состав и малиот број на играчи во ротација, откако мечот поради пет лични го завршија Бојоски, Младеновиќ и Милојевиќ. Гостите со серија од 2-14 успеаја и да поведат (79-80) и да наговестат драма во СРЦ „Билјанини Извори“. Еден од џокерите на домаќините беше Атанасов кој погоди за два поени и водств 81-80, „вардарци“ не реализираа во следниот напад,  а Хил два пати прецизен беше од линијата за слободни фрлања за 83-80. Гостите имаа последен обид, но ударот на Ивановиќ заврши само во обрачот и резултатот остана не променет.

Охридските бели „врзаа“ две победи и се одлепија од Шкупи, кој останува сам и закован на дното од табелата во Првата лига.

Поентерски во составот на АВ Охрид се истакна Хил со 24 поени, а имаше и 11 скокови. Двоцифрен учинок имаа уште Милојевиќ 15, Атанасов 12,  Миладиновиќ 11 и Младеновиќ 10. Во тимот на Вардар најефикасен беше Провел со 21 поен.

OhridNews