Борбата на АВ Охрид, Фени Индустри и Кожув за шестата позиција на табелата која води во плејофот во Првата лига ќе биде во фокусот до самиот крај на регуларниот дел од првенството.

На АВ Охрид и Фени Индустри во трката за шестото место активно им се приклучи и Кожув, кој во втората полусезона игра далеку подобро од првата. Гевгеличани со очекуваниот триумф над Струмица на свој терен дојде до една победа зад Фени Индустри и АВ Охрид, кој има меч помалку.

„Галебите“ одложениот меч со Шкупи ќе го одиграат во понеделник со почеток во 19 часот, а во него немаат право на кикс и победа им е неопходна за продолжување на борбата за пласман во плејофот. Задачата на охридските кошаркари во Чаир ја отежнува борбата на Шкупи за опстанок во Првата лига. Сепак, охридските кошаркари имаат квалитет, а и одмараа повеќе од предвиденото и мораат да ја потврдат фаворитската улога на паркетот во спортската сала „Шабан Трстена“. 

Избраниците на Петар Чочороски во следните четири од пет рунди играат со екипи од горниот дел на табелата, додека Кожув и Фени Индустри во меѓусебен дуел во 19-та рунда ќе решаваат кој ќе се трка до крајот со охридскиот клуб за последниот билет кој води во плејофот.

OhridNews